Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести веќе утре ќе побараат Владата да донесе измени со кои неносењето заштитна маска ќе се казнува од утре или вторник, наместо од 1ви мај како што првично беше одлучено.
– Се почести се тие слики во медиумите од граѓани кои за жал не ја почитуваат мерката за носење заштитна опрема каде тоа е пропишано, некои граѓани ја носат маската или прекривката на лцието под брадата или во рака, а и со оглед на ова Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести ќе достават предлог санкционирањето за неносење заштитна опрема да започне утре или најдоцна во вторник, рече министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес конференција.
Како што рече тој заштитната опрема мора да се носи како што е пропишано, во затворен простор и на отворено каде не може да се одржува физичка дистанца од два метри.
– Досега сите мерки дадоа резултат уверен сум дека и оваа мерка за која има оправданост ако ја почитуваме ќе се заштитиме себеси и граѓаните, ќе превемнираме раст на број на заболени, изјави министерот Филипче.
Во однос на тоа дали децата треба да носат маски, Филипче смета дека сите треба да ги почитуваат мерките.
– Сметам дека треба да се почитуваат мерките, не се почитуваат доволно врз основа на тоа што видовме. Малите деца ќе бидат заштитени ако возрасните ги носат маските, деца над 14 години треба да се придржуваат до мерките како возрасните, а најмалите во затворнеи простории некаква форма на прекривка или голема група надвор кога не може да се одржи дистанцата. Со оваа мерка сите треба да бидат заштитени, изјави Филипче.
Никола Ивановски