Димитриевски: Празни, неиздржани и невистинити се обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ

Сподели со своите пријатели

По денешната прес конференција на која советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Сашо Стошевски го обвини градоначалникот и локалната власт дека не ги реализирале дадените предизборни ветувања за изградба на цевковод што ќе го нормализира снабдувањето со вода во Куманово, со своја реакција се јави и градоначалникот Максим Димитриевски кој ги демантираше наводите на опозицијата.

Loading...

Демантот на Димитриевски го пренесуваме интегрално:

Празни, неиздржани и невистинити се обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ. Општина Куманово во изминатите 4 години вложи во реализација на многу капитални и инфраструктурни проекти за доброто на сите Кумановчани. Во Куманово се инвестира и гради подземна и надземна патна инфраструктура, партерно уредување, нови излетнички места, нови зелени површини, се реконструираат постоечки спортски капацитети, реконструкција и осовременување на училиштата, се градат нови училишни спортски сали и игралишта. Се вложува во водоснабдувањето со инсталирање на најсовремена опрема  и СКАДА систем на паметно управување во водоснабдувањето, промена на електронски броила и реконструкција на постоечката водоводна мрежа во Куманово. Во моментов Куманово нема проблем со водоснабдувањето.

Вистината за ВМРО-ДПМНЕ покажува дека Куманово има проблем со водоснабдувањето единствено кога државата ја менаџира токму ВМРО-ДПМНЕ. Поради фактот што вештачки и свесно создаваа криза во водоснабдувањето на градот, со свесно намалување на проток на сирова вода од браната Липково до фабриката за прочистување и производство на вода-Филтер станица, единствено со цел ВМРО-ДПМНЕ да им се закани и одмазди на Кумановчани поради нивниот искажан непокор кон тогашната власт. Сето тоа во многу моменти наликуваше на 2001 година и кај сите нас генерираше немили сеќавања.

Денеска Куманово повеќе нема такви проблеми и тоа го знаат граѓаните на наше Куманово, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ не управува со хидроакумулациите и веруваме дека така ќе биде и во иднина, а Кумановчани тоа ќе го потврдат и на следните избори. Да напоменеме и дека градот размислува за изградба на нови капацитети за водоснабдување и тоа со долгорочни проекти кои се базираат на долгорочен период на имплементација од осум години.

Важно е да напоменеме дека денеска Куманово е општина без долгови и една од ретките во државата, која финансиски се има деблокирано и е своја на своето со годишни развојни програми, кои го унапредуваат нивото на комунален живот во градот. И тоа е една од многуте разлики меѓу нас и ВМРО-ДПМНЕ, кои единствено се грижат за обезбедување политички поени. Сите обвинувања од страна на ВМРО-ДПМНЕ се само празен обид во периодот на предизборие да ја затскријат реалната слика дека Куманово се гради и развива. Вложивме многу и ќе продолжиме по тој пат, се грижиме за потребите на нашите сограѓани, се грижиме за наше Куманово.

Никола Ивановски

Leave a Reply