Во пресрет на денешниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел изјави дека ќе биде испратен јасен сигнал дека секоја агресија против Украина ќе има висока цена за Русија, доколку ја има, но дека нема конкретна одлука за санкции.
Доаѓајќи на средбата, Борел рече дека најважните теми ќе бидат ситуацијата во Украина и акумулацијата на руските сили на украинската граница.
„Имавме Г7 и имаше цврст договор, цврсто да застанеме зад Украина, да го браниме нејзиниот суверенитет и територијален интегритет. За тоа денеска ќе разговараме со министерот, ние сме на режим на одвраќање, на режим на одвраќање да нема криза. Но, во секој случај, ќе испратиме јасен сигнал дека секоја агресија против Украина ќе има висока цена за Русија, доколку се случи. Но, сега се обидуваме да дадеме се од себе за да го спречиме тоа да се случи“, рече Борел.
На новинарско прашање, Борел изјави дека денеска нема да се донесе конкретна одлука за санкции.
„Заедно со САД и Обединетото Кралство на координиран начин проучуваме какви би можеле да бидат санкциите, кога и како. Но, не очекувајте одлука за тоа денеска“, додаде тој.
Според него, министрите разговараат и за Варош и за ситуацијата во Кипар, Авганистан и Централна Азија.
„Друга грижа се Авганистан и Белорусија. Вчера имавме средба со граѓанскиот сектор и опозицијата од Белорусија. Комисијата најави уште 30 милиони евра за нивна поддршка. И ние продолжуваме да ги поддржуваме овие луѓе, ги охрабруваме и им се восхитуваме на нивниот капацитет, на нивниот отпор, на нивната волја да продолжат да се борат за слободата на својот народ“, додаде европскиот претставник пред средбата.