Автобусите преполни. Кумновци бараат да продолжи бесплатниот автобуски превоз

Сподели со своите пријатели

Автобусите во градскиот превоз во Куманово се преполни откако од лани започна мерката за субвенциониран превоз на патниците.

Loading...

Куманово е единствена општина во Македонија која го спроведува проектот за бесплатен превоз.

Вкупно 27 линии во градот ги опслужуваат кумановци од центарот кон приградските населби и села и обратно.

Иако одредени струи во градот ја критикуваат ваквата одлука, сепак мерката се покажа како популарна кај кумановци, а доказ за тоа се метежот на постојките и во автобусите.

Граѓаните со кои разговаравме велат дека мерката е добра, оти на тој начин заштедуваат одредена сума на пари во семејниот буџет со кој едвај преживуваат од месец за месец.

– Јас мислам дека мерката треба да продолжи. Јас имам минимална пензија, за што попрво да ја дадам. Ќе платам сметки, ќе купам храна и лекови и толку е. Живеам сама кој да ми помогне. Вака барем кога доаѓам да завршам некоја обврска, парите што ги штедам за превоз ќе ми останат за некоја друга намена – вели една постара кумановка која излезе од автобусот број осум.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Шест интервенции вчера имале кумановските пожарникари

Дека мерката за бесплатен превоз треба да продолжи смета и еден повозрасен кумановец кој се превезуваше на линијата број „5“.

– Па треба зошто да не треба, е сега како ќе се договорат таму политичарите од нив зависи. Нека има некоја корист од тоа што плаќаме данок. Ние од населбите и работничката класа секогаш плаќаме данок, а најмалку бенефиции добиваме од државата. Барем превозот нека биде бесплатен за сите, колку толку заштедуваме во овие тешки времиња, смета тој.

Loading...

Кумановка вработена во една од фабриките во некогашен „ЧИК“ го дели истото мислење, и вели дека со тоа заштедуваат значителна сума како семејство.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  54-годишник нападнат во кумановско Биљановце

– Тројца од домот, јас, сопругот и синот работиме и на работа одиме со автобус. Пресметајте дека дневно тоа е 60 денари, на месечно ниво сепак излегува поголема сума. Можеби за некого тоа се безначајни пари, но за едно работично семејство со таа заштеда од 50-60 евра ги подмируваме сметките за струја, вели таа.

Сепак и покрај брањата на кумановци превозот да продолжи, засега нема најави дали тоа ќе се случи.

Мерката е активна до 30 јуни, а дали ќе биде продолжена и до кога допрва ќе треба да се одлучува во Советот на Општина Куманово, каде опозицијата предводена од СДСМ и ДУИ постојано ја критикува одлуката.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  „Рома труба фест“ вечерва на плоштадот во Куманово

Мерката беше донесена на предлог на градоначалникот Максим Димитриевски и започна да важи од 1 јануари 2023 година. Тогаш градоначалникот рече дека во период на економска и енергетска криза оваа мерка ќе донесе до заштеди во семејните буџети на граѓаните.

– Во време на економско-енергетска криза граѓаните на Општина Куманово добиваат можност за значителни заштеди во семејниот буџет. Со ова, ќе придонесеме за намалување на сообраќајниот метеж во централното градско подрачје и намалување на загадувањето, рече тогаш Димитриевски.

На утрешната седница нема најава дека оваа точка ќе се најде на дневен ред. Претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска вели дека одлуката ќе се разгледува во јули.

Никола Ивановски

Loading...