Почина д-р Јордан Пачков, лекар, публицист и долгогодишен општественик од Куманово.
Тој почина на 77-годишна возраст, оставајќи зад себе богато творештво и значаен придонес во повеќе области – медицината, спортот, историјата и локалната публицистика.
Д-р Пачков беше препознатлив по својата посветеност кон пишаниот збор и љубовта кон родното Куманово, за кое создаде бројни публикации и дела што ќе останат трајно сведоштво за градот и неговото минато.
Пишувањето за него претставуваше инспирација и животна мисија, а неговата желба беше преку книгите и записите да остави траен белег за идните генерации.
Особено се гордееше со својот татко Трајко Пачков, од кого, како што често знаеше да истакне, ги наследил љубовта кон знаењето и посветеноста кон луѓето.
Роден е на 11 јули 1949 година во Куманово. Дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје, а беше специјалист по физикална медицина и рехабилитација.
Беше и претседател на Организациониот одбор на Првиот меѓународен конгрес на физијатри на Македонија, одржан во Охрид во 2006 година.
Покрај медицината, д-р Пачков беше активен и во општествениот и политичкиот живот како член на ВМРО-ДПМНЕ, а во еден период беше и пратеник во македонското Собрание.
Никола Ивановски

