Компаниите кои вршат такси превоз во Куманово бараат поскапување на цените за вршење на овој вид услуги.
На потег е Советот на Општина Куманово кој ќе треба да се произнесе по однос на ова барање во понеделник на 9. седница.
– До Општина Куманово од страна на превозниците кои вршат авто – такси превоз на патници на подрачјето на Општина Куманово, има доставено барање за зголемување на цените за вршење на самиот превоз, стои во предлог точката која ќе се најде пред советниците.
Причина за ваквото барање, според такси-компаниите, е секојдневното зголемување на цените на гориво, во услови на енергетска и економска криза.
Се наведува дека Општина Куманово одлучила да им излезе во пресрет на барањето и точката да ја стави на дневен ред.
Превозниците предлагаат зголемување на стартната цена за 20 денари, односно од сегашните 80 на 100 денари за старт, што вклучува возење од два километри. Нема информација дали се зголемува и цената за изминат километар, која досега беше 40 денари.
Последен пат такси-превозот во Куманово поскапе во 2022 година, кога исто така беше покачен за 20 денари, но тогаш секој следен километар по стартните два, исто така доби повисока цена.
Никола Ивановски

