Воени експерти од повеќе од 30 земји ќе одржат дводневни разговори во Лондон за понатамошните чекори за повторно отворање на Ормускиот теснец и ќе изготват детални планови за меѓународна мисија за заштита на морскиот сообраќај, објави британската влада.
Повеќе од 10 земји минатата недела изразија подготвеност да се приклучат на мисија предводена од Велика Британија и Франција, со цел заштита на бродскиот сообраќај низ стратешки важниот теснец, кога безбедносните услови ќе дозволат, објави Ројтерс.
Иницијативата следеше по видеоконференција на која присуствуваа околу 50 земји од Европа, Азија и Блискиот Исток, која беше одржана и како сигнал до Соединетите Американски Држави, откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека на Вашингтон не му е потребна помош од сојузниците.
Британскиот министер за одбрана Џон Хили изјави дека целта на состанокот е да се преведе дипломатскиот договор во конкретен план за заштита на слободата на пловидбата и поддршка на траен прекин на огнот во регионот.
Како што објави британското Министерство за одбрана, учесниците во разговорите ќе ги разгледаат воените капацитети, системот за команда и контрола, како и начинот на распоредување на силите во регионот.
Британските власти наведуваат дека плановите ќе се фокусираат на повторно отворање на Ормутскиот теснец по воспоставувањето одржлив прекин на огнот, пренесува Танјуг.

