Европските земји, вклучувајќи ги Шпанија и Ирска, вчера инсистираа на суспендирање на договорот на ЕУ што ги регулира односите со Израел, но блокот остана поделен околу тоа дали да преземе мерки, пишува Ројтерс.
Доаѓајќи на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург, министрите повикаа на суспендирање или делумно суспендирање на договорот поради загриженост за Западниот Брег, хуманитарната ситуација во Газа и новиот закон за смртна казна.
„Денес е во прашање кредибилитетот на Европа“, изјави шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Албарес пред новинарите, повикувајќи на дискусија за суспендирањето на договорот за асоцијација, кој стапи на сила во 2000 година.
Службениците обрнуваат посебно внимание на позициите на Берлин и Рим, но Германија вчера посочи дека се држи до својата постоечка позиција, нагласувајќи ја потребата од дијалог, а не од акција против Израел, објави Танјуг.
„Изразивме критики во врска со воведувањето на смртната казна. Однапред предупредивме дека овој чекор не треба да се презема. Исто така, имаме многу јасен став кон насилството на доселениците“, рече германскиот министер Јохан Вадефул, додавајќи дека Берлин останува посветен на создавање услови за решение со две држави за Палестинците, „но ова мора да се направи преку критички и конструктивен дијалог“.
Данскиот министер Ларс Локе Расмусен изјави пред состанокот дека „нема знаци за мнозинство да се направи нешто со договорот за асоцијација“, додека некои министри, вклучително и министрите од Белгија и Ирска, инсистираа на промена во политиката на ЕУ.
Белгискиот министер за надворешни работи Максим Прево рече дека неговата земја повикува на барем делумно суспендирање, но додаде дека Белгија е „свесна дека целосното суспендирање е веројатно недостапно со оглед на ставовите на различните европски земји“.
Шведска и Франција, во меѓувреме, споделија документ пред состанокот во вторник со кој ја повикуваат ЕУ да преземе посилни мерки за ограничување на комерцијалното ангажирање со нелегалните населби.
Министрите посочија дека работат на наоѓање начини за притисок врз Израел, дури и во отсуство на доволно гласови за преземање мерки за договорот за асоцијација.
„Важно е да се зголеми притисокот врз Израел. Целта не е да се суспендира трговскиот дел, туку да се промени однесувањето во Израел и тоа е она на што работиме“, рече холандскиот министер за надворешни работи Том Берендсен.
Европската унија е најголемиот трговски партнер на Израел, со трговија во вредност од 42,6 милијарди евра во 2024 година, според податоците на ЕУ.
Во септември, Европската комисија предложи суспендирање на некои одредби од договорот за асоцијација поврзани со трговијата, аранжман што влијае на околу 5,8 милијарди евра израелски извоз, додека Израел рече дека предлозите се „морално и политички искривени“.
Суспендирањето на трговскиот договор ќе бара квалификувано мнозинство од владите на ЕУ, поддршка од 15 од 27-те земји-членки на ЕУ што претставуваат 65 проценти од населението на ЕУ и бара едногласна одлука од сите земји-членки.

