Најмалку 25 лица загинаа во напади врз иранските градови, Иран продолжува со нападите врз Израел и регионот

Сподели со своите пријатели

Најмалку 25 лица загинаа во ноќните напади низ Иран, додека двајца беа пронајдени мртви во израелскиот град Хаифа, а двајца беа пријавени како исчезнати во урнатините еден ден по иранскиот напад.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера ја засили заканата за напади врз критичната инфраструктура на Иран доколку владата на земјата не го отвори повторно Ормутскиот теснец до неговиот рок во вторник вечерта по време на Вашингтон.

Во нападот врз Технолошкиот универзитет Шариф во Техеран, беше предизвикан прекин на протокот на гас во дел од иранската престолнина, објави Би-Би-Си утрово.

Персиската служба на Би-Би-Си објави дека делови од универзитетот, вклучувајќи ја зградата на неговиот технолошки центар и универзитетската џамија, се чини дека се оштетени во нападот. Вчерашните снимки покажаа густ чад што се издига од различни области на Техеран.

Градоначалникот на населбата што го вклучува универзитетот рече дека гасот е привремено прекинат поради нападот.

На други места во Техеран, во воздушен напад врз станбена зграда загинаа 13 лица, објави Би-Би-Си.

Според Би-Би-Си, неколку универзитети во Иран се погодени од почетокот на војната, вклучувајќи го Техеранскиот универзитет за наука и технологија и Универзитетот Шахид Бехешти.

Израелските спасувачки служби утрово известија дека неколку локации биле погодени од ракети лансирани од Иран кон неколку градови во центарот на Израел.

Во Петах Тиква, службите за итни случаи ѝ пружиле помош на жена во критична состојба со рана од шрапнел во градите и ја евакуирале во болницата Беилинсон.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Емиратите од утрово под ирански напад, еден државјанин на Гана е повреден

Пожарникарите во тој град гасат запалени возила и продолжуваат да бараат евентуално заробени лица под урнатините.

Во Тел Авив, маж лесно повреден од шрапнел бил евакуиран во болницата Ишилов.

Спасувачката служба Маген Давид Адом прикажа снимки од станбени згради оштетени во нападот.

Израелската војска утрово ја предупреди јавноста за уште еден бараж од ракети од Иран, во четвртото такво предупредување денес.

Израелските служби Маген Давид Адом и противпожарните и спасувачки служби рано утрово соопштија дека има извештаи за ирански ракети кои погодиле неколку локации во северниот град Хаифа.

На едно место, четири лица, меѓу кои и две деца, беа полесно повредени.

Ракетните напади погодија станбени области и фабрика во тој град. Фабриката беше погодена од шрапнели од пресретнувањето на ракетата.

Агенцијата АП наведува дека не е јасно дали сите погодени локации се предизвикани од шрапнели од пресретнувањето или од директни удари.

Сликите од погодените области покажуваат пожари и уништени автомобили во станбена област.

Овие ракетни напади се случија еден ден откако напад од Иран, исто така, погоди станбена населба во Хаифа, при што загинаа две лица, а други беа повредени. Две лица сè уште се водат како исчезнати под урнатините по вчерашниот напад.

Иранските напади врз земјите од Персискиот Залив продолжија

Ирански напад со беспилотни летала денес оштети зграда за телекомуникации во Фуџаира во Обединетите Арапски Емирати, објави државната новинска агенција WAM.

Целта на нападот беше зградата на државната телекомуникациска компанија.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Иран и САД добија план за прекин на непријателствата, вклучително и итен прекин на огнот

Според агенцијата, никој не е повреден.

Според извештаите од властите во главниот град на Обединетите Арапски Емирати, Абу Даби, еден државјанин на Гана претрпел повреди од шрапнели кога иранска ракета била пресретната над градскиот округ Мусафа.

Тој е близу до воздухопловната база Ал Дафра каде што се стационирани американските сили и која е под постојани ирански напади од почетокот на војната.

Министерството за одбрана на Обединетите Арапски Емирати вчера објави дека пресретнало 50 ирански беспилотни летала, една крстосувачка ракета и девет балистички ракети од Иран.

Тоа е вкупно 2.191 беспилотни летала, 24 крстосувачки ракети и 507 балистички ракети од почетокот на нападите на САД и Израел врз Иран и нивните одмазднички напади врз Израел и земјите од Заливот на 28 февруари.

Емиратите од утрово под ирански напад, еден државјанин на Гана е повреден

Гански државјанин е повреден за време на нападот на Иран врз Емиратите, кој започна рано утрово.

Канцеларијата за односи со медиумите во Абу Даби денес објави дека еден државјанин на Гана е полесно повреден поради паѓање на остатоци врз објектот „Ранинс Системс“ во индустриската зона Мусафа, по операцијата за воздушна одбрана.

Министерството за одбрана на земјата објави предупредување рано наутро на социјалната мрежа X дека се во тек воени операции против ракети и беспилотни летала.

Во изминатите 10 часа, министерството издаде три такви предупредувања.

Според Министерството за одбрана на Емиратите, вчера беа соборени вкупно 50 ирански беспилотни летала, една крстосувачка ракета и девет балистички ракети.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Иран го нападна Тел Авив со ракети со касетна муниција

Убиен Шефот на разузнавачката служба на иранската паравоена Револуционерна гарда

Шефот на разузнавачката служба на иранската паравоена Револуционерна гарда беше убиен денес во напад за кој тој беше цел, објавија иранските државни медиуми.

Генерал-мајор Маџид Хадеми беше убиен во напад за кој Револуционерната гарда ги обвини САД и Израел.

Не беше објавено каде е убиен, но неколку воздушни напади погодија станбени области околу Техеран рано утрово.

Кадеми ја презеде функцијата од генералот Мохамад Каземи, кој беше убиен од Израел за време на 12-дневната војна во јуни.

Разузнавачката организација на Револуционерната гарда има огромна моќ во Иран и директно му известува на Врховниот лидер.

Таа често беше поврзувана со затворање на западни граѓани или луѓе со врски во странство, а исто така беше обвинета за убиства извршени надвор од нејзината земја и напади врз противници на иранската теократија.

Иран и Соединетите Американски Држави добија нацрт-предлог со кој се бара 45-дневен прекин на огнот и повторно отворање на Ормутскиот теснец како можен начин за завршување на војната, изјавија двајца претставници на Блискиот Исток за АП.

Нацрт-предлогот доаѓа од египетски, пакистански и турски медијатори кои работат на завршување на конфликтот.

Нивната надеж е дека 45-дневниот период би можел да овозможи обемни разговори меѓу земјите за постигнување траен прекин на огнот.

Иран и САД не одговорија на предлогот испратен доцна синоќа до иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, и до американскиот пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф, соопштија официјалните лица.