Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) денес соопшти дека најмалку 83 деца се убиени, а 254 повредени во Либан од 2 март, во војната меѓу Израел и движењето Хезболах.
„Во просек, повеќе од десет деца се убиени секој ден низ Либан во текот на изминатата недела, а приближно 36 деца се повредени секој ден“, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на УНИЦЕФ, пренесува Ал Џезира.
Се додава дека во изминатите 28 месеци, 329 деца се убиени во Либан, а 1.632 се повредени.
УНИЦЕФ соопшти дека бројките се зачудувачки.
„Масовното раселување низ Либан принуди речиси 700.000 луѓе, вклучувајќи околу 200.000 деца, да ги напуштат своите домови, а десетици илјади веќе се раселени од претходните ескалации“, се вели во соопштението.
Агенцијата на ОН ги повика сите страни во конфликтот да ги заштитат цивилите и цивилната инфраструктура, вклучувајќи ги училиштата и засолништата, и да ги почитуваат своите обврски според меѓународното хуманитарно право.

