Носителката на листата кандидати за советници на Движење ЗНАМ – За Наша Македонија во Куманово, Ивана Ѓорѓиевска, истакна дека визијата на оваа опција е Куманово да биде општина која промовира солидарност, еднаквост и инклузија.
– Куманово отсекогаш било град на различности, град каде што луѓето се почитуваат, поддржуваат и градат заедничка иднина. Нашата визија беше и е токму таква – општина – промотор на солидарност, еднаквост и социјална инклузија,“ рече Ѓорѓиевска.
Таа информираше дека денеска остварила средби со невладините организации „Инклузива“, како и со претставници на Центар за жртви од семејно насилство.
– Ние се залагаме за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост, како и за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. Заедно со градоначалникот работиме на инклузија за сите лица и даваме финансиска поддршка на здруженија од овој тип, посочи Ѓорѓиевска.
Таа упати и на неколку мерки кои во изминатиот мандат се реализирани.
– Општината спроведе и спроведува низа локални активности и мерки за подобрување на општата состојба на граѓаните и тоа: бесплатен јавен превоз за сите граѓани на сите линии, народна кујна, субвенционирање на трошоци за комунални услуги, обезбедување на помош за домување на станбено необезбедени лица, еднократна финансиска помош за социјално најзагрозените, обезбедување на социјални услуги преку програмата „Општинско корисна работа“, социјална инклузија на децата – Роми во детските градинки, набавка на специјално возило за лица со посебни потреби и многу други, посочи таа.
Секој граѓанин, вели Ѓорѓиевска, има право на еднаква шанса да учествува во заедницата, а обврска на општинат ае да создава услови во кои сите ќе бидат слушнати,поддржани и вклучени. За таа цел, најави низа нови проекти.
– Создавање услови за целодневен престој за учениците со посебни потреби во училиштата, нова спортска сала приспособена за лицата со посебни потреби, инклузивен концепт – пристапни веб-страници, културни и спортски содржини, јавни простори и услуги без бариери, пристапни рампи и санитарни јазли во сите училишта, адаптирани тротоари за непречено движење на лицата со посебни потреби, звучни семафори на клучни локации во централното градско подрачје, тактилни патеки за лицата со оштетен вид кон институциите и кон јавните објекти, пристапност во општинските згради, јавните претпријатија и градинките, достапни автобуски постојки со рампи, говорна најава и јасни ознаки, вклучување пристапни автобуси со звучни апарати во јавниот превоз, пристапност до културни и спортски објекти од јавен интерес, поддршка за центри за социјализација и психолошка поддршка за лица со посебни потреби и нивните семејства, шелтер и советувалиште за жртви на семејно насилство, поддршка на програми за ресоцијализација за маргинализирани групи на граѓани, бесплатни активности за деца од социјално загрозени семејства, продолжување на постојните мерки за социјална заштита и општинско-корисна работа со ангажман на невработени како асистенти во образованието и грижата за старите лица, изјави носителката на листата.
Целта, вели, е никој да не биде изоставен и затоа ќе се вложува во народна кујна и ќе се дава поддршка на лицата со посебни потреби.
Воедно ги повика граѓаните утре од 19 часот да присуствуваат на големиот митинг на Движење ЗНАМ – За наша Македонија кој ќе се одржи на Градскиот плоштад, каде ќе бидат промовирани кандидатите за градоначалник и советници, а ќе биде презентирана и дел од програмата.
Никола Ивановски