Загадениот воздух за време на бременоста е поврзан со подоцнежен развој на говор кај децата

Сподели со своите пријатели

Бебињата кои се изложени на повисоки нивоа на загадување на воздухот рано во бременоста на нивните мајки може да го развиваат говорот побавно, според ново истражување од научници од Кингс колеџ во Лондон.

Студијата покажа дека изложеноста на азот диоксид и фини и ултрафини честички за време на првиот триместар од бременоста може да доведе до одложен развој на јазикот кај деца на возраст од 18 месеци, објави Гардијан.

Кај предвреме родените бебиња, покрај одложувањата во развојот на говорот, се евидентирани и послаби моторни вештини.

Истражувачите анализирале 498 бебиња родени во лондонска болница помеѓу 2015 и 2020 година, користејќи податоци за нивоата на загадување во областите каде што живееле нивните мајки за време на бременоста.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Војна во Судан за која не се зборува - место каде крвта се гледа и од вселената

Учесниците во студијата подоцна биле подложени на стандардни тестови за когнитивен, јазичен и моторен развој.

Резултатите покажуваат дека децата изложени на највисоко ниво на загадување во првиот триместар имале во просек пониски резултати на јазичните тестови, додека предвреме родените бебиња покажале уште поизразени разлики во моторниот развој.

Авторите забележале дека се потребни понатамошни истражувања за да се утврди дали овие разлики имаат долгорочни последици врз образованието и развојот на децата.

Експертите предупредуваат дека загадувањето на воздухот е глобален здравствен проблем, кој непропорционално влијае на населението во урбаните и посиромашните области низ целиот свет, пренесува Танјуг.