Јужнокорејскиот премиер Ким Мин-сеок изјави дека Сеул ќе продолжи да испраќа „сложени“ пораки до Северна Кореја со цел да се поттикне мирот, а воедно да се зачува безбедноста, и покрај недостатокот на интерес на Пјонгјанг за дијалог.
Ким ги даде коментарите за време на неговата прва прес-конференција откако ја презеде функцијата минатиот месец, откако севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун ги критикуваше заедничките воени вежби меѓу Сеул и Вашингтон.
Ким Џонг Ун рече дека Пјонгјанг брзо ќе го прошири својот нуклеарен арсенал, но не ги спомена мировните иницијативи на претседателот Ли Џе-мјунг.
„Иако Северот смета дека некои од нашите вежби се непријателски, ние сепак испраќаме пораки насочени кон градење мир. Ќе продолжиме да ги испраќаме тие пораки“, рече премиерот Ким, според Танјуг.
Изјавите доаѓаат во време кога Јужна Кореја и САД ја започнуваат годишната летна воена вежба „Улчи Слободен Штит“, која има за цел да ја зајакне заедничката одбранбена подготвеност.
Пјонгјанг ги осуди вежбите како сигнал за подготвеност за започнување војна.
Ким Мин-сеок, исто така, коментираше за односите на Јужна Кореја со САД, велејќи дека Сеул повеќе не е „помлад брат“ на Вашингтон, туку „рамноправен партнер“.
Тој истакна дека проектот за билатерална соработка во бродоградбата со САД, познат како MASGA, може да претставува нов модел за односите меѓу двете земји.