Најмалку двајца членови на екипажот се повредени, а уште две лица се водат како исчезнати откако товарен брод во сопственост на грчка компанија беше погоден во Црвеното Море, потврдија грчките власти и сопственикот на бродот.
Ова е втор напад во Црвеното Море за помалку од 24 часа.
Целта беше товарниот брод „Етернити Ц“ со либериско знаме, кој беше нападнат од поморски дронови и бродови покрај брегот на Ходеида, околу 50 наутички милји западно од главниот град на Јемен, Сана, кој е контролиран од бунтовниците Хути, кои се сојузници на Иран.
Никој сè уште не ја презеде одговорноста за нападот.
„Бродот беше на пат кон Џеда, Саудиска Арабија, кога беше погоден. Екипажот се состои од 22 филипински државјани и тројца индиски вооружени стражари“, изјави претставник на грчката компанија „Космошип“ за „Политико“.
Не е познато дали нападот е целосно завршен бидејќи комуникациите беа прекинати и не беше можно да се стапи во контакт со екипажот, додаде тој.
Двајца високи грчки функционери го потврдија нападот и идентитетот на членовите на екипажот.
Нападот врз „Етернити Ц“ се случи неколку часа откако Хутите ја презедоа одговорноста за сличен напад врз друг брод во сопственост на грчка компанија, „Меџик Сис“, исто така под либериско знаме.
Товарниот брод, според Хутите, бил потонат откако бил нападнат со беспилотни летала, ракети и рачни лансери. Екипажот го напуштил бродот и бил спасен и транспортиран во Џибути.
Од почетокот на војната во Газа во октомври 2023 година, Хутите редовно напаѓаат израелски цели и меѓународен превоз во Црвеното Море, велејќи дека тоа го прават во солидарност со Палестинците.
Рано наутро во понеделник, израелската армија објави дека за прв пат по речиси еден месец ги таргетирала јеменските пристаништа контролирани од Хутите.