Кинеските државни медиуми ја поздравија одлуката на Доналд Трамп да го намали јавното финансирање на вестите како Гласот на Америка и Радио Слободна Азија (РФА), кои долго време известуваат за авторитарни режими.
Оваа одлука има значително влијание врз илјадници вработени – само во Гласот на Америка, повеќе од 1.300 вработени се ставени на платен одмор од петокот, кога беше издадена извршната наредба.
Критичарите велат дека ова е чекор наназад за демократијата, додека кинескиот државен весник Глобал тајмс го осуди Гласот на Америка и РФА за нивните „ужасни досиеја“ во известувањето за Кина, тврдејќи дека сега се „отфрлени од сопствената влада како валкана крпа“.
Белата куќа ја бранеше одлуката, велејќи дека тоа ќе „обезбеди даночните обврзници повеќе да не плаќаат за радикална пропаганда“.
„Фабрика на лаги“
Мерките на Трамп се однесуваат на американската агенција за глобални медиуми (USAGM), која е поддржана од Конгресот и финансира новински куќи како што се Гласот на Америка, Радио Слободна Азија (РФА) и Радио Слободна Европа (РФЕ).
Овие организации се здобија со меѓународно признание за нивното известување во земји каде слободата на печатот е строго ограничена или непостоечка, од Кина и Камбоџа до Русија и Северна Кореја.
Иако властите во некои од овие земји го блокираат емитувањето – на пример, Гласот на Америка е забранет во Кина – луѓето можат да ги слушаат овие станици преку радио или да користат VPN за да ги заобиколат забраните.
РФА често известуваше за кршење на човековите права во Камбоџа, а поранешниот авторитарен лидер Хун Сен го поздрави намалувањето на финансирањето како „голем придонес за елиминирање на лажните вести“.
Известување од Кина
Тоа беше, исто така, меѓу првите новински куќи кои известуваа за мрежата на „логори за превоспитување“ во Ксинџијанг, каде што, наводно, биле приведени илјадници муслимани Ујгури, тврдење кое Пекинг го негира.
Нејзиното известување за дезертери од Северна Кореја и наводното прикривање на смртните случаи од КОВИД-19 во Кина освои бројни награди.
Според кинескиот Глобал тајмс, Гласот на Америка е наречен „фабрика на лаги“, а во написот објавен синоќа се тврди дека „демонизирачките наративи што ги шири Гласот на Америка на крајот ќе станат предмет на потсмев“ бидејќи американските граѓани ќе почнат да ја разбираат вистинската и повеќедимензионална слика на Кина.
Валдја Барапутри, новинарка на Гласот на Америка која ја загуби работата за време на викендот, рече дека реакцијата е „лесно предвидлива“, додавајќи дека кратењето на средствата овозможува раст на каналите кои не обезбедуваат точно и избалансирано известување.
Националниот прес-клуб, водечката новинарска организација во САД, ја осуди наредбата, велејќи дека таа „ја поткопува долгогодишната посветеност на Америка за слободно и независно новинарство“.
Десетици милиони слушатели
Гласот на Америка, основан за време на Втората светска војна за да се спротивстави на нацистичката пропаганда, стигнува до околу 360 милиони луѓе неделно на речиси 50 јазици.
Низ годините се емитуваше во Кина, Северна Кореја, комунистичка Куба и поранешниот Советски Сојуз, а во тоа време беше обвинет за ширење американска пропаганда.
Мајкл Абрамович, директор на Гласот на Америка, рече дека наредбата на Трамп го ослабува Гласот на Америка, додека „американските противници, како Иран, Кина и Русија, инвестираат милијарди долари во создавање лажни наративи чија цел е дискредитација на САД“.
RFA е основана во 1996 година и допира до речиси 60 милиони луѓе неделно во Кина, Мјанмар, Северна Кореја, Камбоџа, Виетнам и Лаос.
Во Кина се емитува на јазиците на малцинствата, како што се тибетски и ујгурски, покрај на англиски и мандарински.
Извршниот директор на RFA, Беј Фанг, рече дека организацијата ќе ја оспори оваа наредба, бидејќи намалувањето на финансирањето на овие медиуми „ги наградува диктаторите и деспотите, вклучително и Кинеската Комунистичка партија, кои најмногу би сакале нивното влијание во информативниот простор да остане неконтролирано“.
И покрај тоа што кинеските државни медиуми ја слават оваа одлука, тешко е да се каже како реагираа луѓето во Кина, со оглед на строгата цензура на интернетот.