Кој е Рамзан Кадиров, лидерот на Чеченија?

Сподели со своите пријатели

Најавата на чеченскиот претседател Рамзан Кадиров дека има намера да ги испрати своите малолетни синови да учествуваат во рускиот напад врз Украина уште еднаш фрла светлина врз една од најконтроверзните личности на руската политичка сцена, особено во актуелната војна.

Loading...

Неговото име се поврзува со најострите изјави за конфронтацијата со Киев, а тој не се двоумеше да го покани Кремљ да размисли за употреба на нуклеарно оружје со релативно низок ефект против Украина, пишува Ал Џезира.

Од неговите остри изјави не беа поштедени и генералите и војниците задолжени за одбрана на градот Лиман, кој неодамна падна во рацете на украинските сили.

Пред тоа сите кои се противат на мобилизацијата и учеството во војната ги опиша како „кукавици“.

Иако Државната Дума му одговори на Кадиров дека регрутирањето деца во армијата е строго забрането, тој одговори дека „младоста не треба да биде пречка за обука на бранителите на татковината“.

Почетоците на Рамзан Кадиров

Почетоците на доаѓањето на Кадиров на власт се навраќаат на крајот на активната фаза на Втората чеченска војна (2000 година), кога руските власти ја префрлија контролата врз републиката на рамениците на локалните елити, во замена за напуштање на слоганот за независност.

Ова доведе до воспоставување на единствениот статус на Чеченската Република во рамките на Руската Федерација, каде што централната власт ја контролира републиката во ограничен обем.

Официјално, институциите и администрациите на федерално ниво работат исклучиво во согласност со законите на Руската Федерација.

Loading...

Во пракса, тие ги почитуваат директивите на Рамзан Кадиров и традиционалните чеченски закони.

Подемот на Рамзан Кадиров на политичката сцена на федерално ниво дојде брзо, па дури и малку неочекувано.

Причините за неговиот успех како претседател на Чеченија во 2007 година, на 30-годишна возраст, се резултат на неколку фактори.

Тој успеа повторно да го воспостави системот во републиката од милион и пол граѓани, да се ослободи од сите негови противници, вклучително и оние кои уживаа поддршка од одредени политичари и безбедносни сили во Москва.

За кратко време, тој воспостави свој политички систем (лична вертикала на моќта), но чеченските противници велат дека понекогаш прибегнувал кон сурови методи, проследени со масовни прогони со употреба на тортура и репресија.

Лојалноста на Рамзан Кадиров кон Путин

Кадиров е познат по неговата апсолутна лојалност кон рускиот претседател Владимир Путин и во неколку наврати изрази уверување дека Путин треба засекогаш да остане претседател на Русија.

Така, на пример, во октомври 2014 година, тој ја организираше роденденската прослава на рускиот лидер во главниот град Грозни, на која, според тогашното чеченско Министерство за внатрешни работи, присуствувале околу 100.000 учесници.

Во овој контекст, политичкиот аналитичар Алексеј Малашенко забележува дека приближно во исто време кога се одржале овие прослави, 54 отсто од руските граѓани верувале дека нема алтернатива за претседателот Путин, што, според Малашенко, укажува дека Кадиров целосно размислува и дејствува во согласнос со официјалниот руски дискурс.

Loading...

Како резултат на тоа, многу руски набљудувачи веруваат дека силата на Кадиров главно почива на неговиот личен однос со Путин, кој се разви сам по себе по убиството на неговиот татко Ахмад Кадиров во 2004 година во бомбашкиот напад на стадионот Динамо во Грозни.

Покрај тоа, Кадиров е, во очите на Кремљ, најуспешниот лидер на севернокавкаските републики.

Некои руски политичари дури се жалат дека искуството на Кадиров во Чеченија, од нивна гледна точка, не се проширило на целиот Северен Кавказ, а донекаде и на остатокот од Русија.

Автономијата во Чеченија зависи од локалните вооружени сили, кои брои меѓу 10 и 30 илјади луѓе и го носат името „Кадировци“.

Тие се официјално подредени на руското Министерство за надворешни работи и Националната гарда.

Според Московскиот центар Карнеги (кој според рускиот закон се смета за странски агент), овие сили ја сочинуваат приватната армија на Кадиров, командувана од неговите пријатели.

Речиси сите воени и безбедносни сили се под контрола на властите на Чеченската Република, а само локалната Федерална служба за безбедност е независна.

Зафатот на Москва на Кавказ

За Москва, раководството на Кадиров во Чеченската Република претставуваше важен елемент во војната на Русија против вооружените групи во Северен Кавказ.

Loading...

Чеченските борци одиграа значајна улога во поддршката на руските сили за време на таканаречените чистки на сепаратистите и фундаменталистите, што се одрази во инфилтрацијата на чеченските борци во нивните редови или нивното убивање и нивната изолација од градовите.

Според руски извори, тоа довело до протерување на меѓу 4.000 и 5.000 борци од тие области во Ирак и Сирија, каде што голем број од нив се приклучиле на Исламската држава Ирак и Левант (ИСИЛ), вклучително и околу 1.500 Чеченци.

Улога на Блискиот Исток

Кадиров исто така игра посебна улога во руската политика во Северна Африка и на Блискиот Исток.

Во текот на изминатите години, тој и неговите колеги, како претставници на претседателот Путин и на Руската Федерација, одржаа десетици средби со лидери и високи функционери во Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Јордан, Бахреин, Катар, Либија и други земји.

Покрај тоа, Хуманитарната фондација Кадиров одржува односи со прилично голема чеченска заедница во Турција, Сирија и Јордан.

Така, влијанието на Кадиров се прошири во овие заедници на Блискиот Исток, што ја зацврсти позицијата на чеченскиот лидер на руската политичка сцена.

Loading...

Иако руските набљудувачи сметаат дека Кадиров е најважниот гарант за актуелната ситуација во Чеченија, долгорочно не ја исклучуваат можноста, во случај на заминување на рускиот лидер, да се преиспита сегашниот модел на односи на централната власт.

Ова, меѓу другото, може да доведе до стремеж на Чеченија да ја врати независноста и да ги прошири своите граници на сметка на соседните републики, како што тоа го направи по распадот на Советскиот Сојуз.

Според нив, сепаратистичките тенденции во републиката сѐ уште се силни, пишува Данас.