Опаѓаат водостоите на Пчиња и Кумановка, вчера излевања во Довезенце (ФОТО)

Сподели со своите пријатели

Водостоите на реките Пчиња и Кумановка се во опаѓање, откако викендов речните корита беа пред излевање на одредени локации поради обилните врнежи од дожд што го зафатија регионот на Куманово.

Според последните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи направени во 8 часот утринава, реката Пчиња со мерна станица во атарот на селото Пелинце има 77 сантиметри, што е пад со последното мерење од вчера направено во 15:00 часот кога водостојот бил точно еден метар.

 

 

Скоро се преполови и реката Кумановка, која по рекордот од 121 сантиметар вчера наутро, денеска има водостој од 55 сантиметри.

Според информациите од Секторот за внатрешни работи Куманово доставени до Центарот за управување со кризи, вчера наутро имало излевање на Крива река во атарот на селото Довезенце, во билизина на куќи и штали.

 

село Коинце

 

Гранки и отпад го попречиле движењето на водите на Коински мост во селото Коинце, каде постоела опасност од излевање, а слична била и состојбата во селото Пчиња, по што надлежните излегле на терен, а во расчистување на гранките во Коинце учествувале и пожарникарите од Територијалната противпожарна единица Старо Нагоричане.

 

село Коинце

 

Се очекува денеска врнежите да престануваат со што и водостоите ќе се намалуваат.

Никола Ивановски / фото: Фејсбук