Ученици од Гимназијата „Гоце Делчев“ од Куманово во изминатиот период беа дел од низа работилници во Кујуџак Ајдин, Република Турција преку програмата „Еразмус плус“.
Проектот кој го носи името „Училишно онлајн радио“ им пружи можност на петмина ученици и двајца наставници од Гимназијата да одржат низа работилници поврзани со радио и подкасти.
– Нашите ученици подготвија интересни едукативни материјали кои ги презентираа на самата средба, но имаа и можност да другаруваат со нивни врсници, да посетат културно-историски области и да другаруваат на истите места. Она што е интересно да се спомене е што овој проект ги вклучува земјите Полска, Португалија, Италија, Турција и нас како земја учесничка во самиот проект. Координатор е Република Полска и веќе трета година го работиме овој проект, вели Филип Младеновски, наставник во СОУ Гимназија „Гоце Делчев“.
Групата имала можност и да посети низа културно – историски знаменитости во овој турски регион, а биле пречекани и од тамошните локални власти.
– Имавме можност да оствариме средба со градоначалникот на Кујуџак кој што многу убаво нѐ угости и нѐ пречека, децата дури добија и пригодни подароци. Исто така имавме можност да се состанеме и со гувернерот на самата област Ајдин и исто така имавме официјална средба со претставникот од Министерството за образование. Имавме и можност да посетиме неколку културно-историски знаменитости кои се наоѓаат во релативна близина на самиот град, изјави наставничката Александра Маневска.
Темата на мобилноста била животната средина, а кумановските гимназијалци работеле на проблемот со аерозагадувањето во Македонија.
– Секоја од државите имаше задача да ги претстави своите еколошки проблеми и затоа ние одлучивме да зборуваме за загаденоста на воздухот, затоа што тоа е еден од најголемите проблеми на Македонија и затоа нашата група одлучи да направи кратко видео каде ќе зборуваме за проблемите и ќе ги претставиме преку видео за да може некако да ги решиме самите проблеми, вели ученичката Анастазија Крстевска.
Проектот им овозможил да го претстават проблемот и да се обидат да најдат решение кое ќе биде од корист за сегашните, но и идните генерации.
– Кога ги гледаме статистиките гледаме дека Скопје е еден од најзагадените градови не само во државата, туку и во светот, а Скопје е толку блиску до нас. Ние треба да правиме нешто, да ја користиме оваа информација и да направиме нешто со што ќе можеме да го средиме овој проблем не само за нашата генерација и постарите туку и за идните што доаѓаат, рече Анастасија Стоилковска, ученичка во Гимназијата.
Учениците преку проектот имале можност да се запознаат и со врсниците од земјите учеснички во проектот, да се запознаат со проблемите со кои тие се соочуваат, но и да искусат дел од начинот на живот во Турција.
– На овој проект добивме можност да се запознаеме со врсници од држави како што се Турција, домаќините, Полска и Португалија. Исто така намерата на овој проект беше да ги запознаеме проблемите кои ги има во наведените земји, некои кои се слични како нашите. Исто така преку видови на дебати и дискусии да дознаеме можни решенија за истите проблеми, изјави ученикот Јани Стојановски.
Посетата ја искористиле и за посета на низа културно – историски знаменитости.
– Имавме прилика да го посетиме античкиот град Афродизијас кој го добил името по грчката божица на убавина, Афродита. Понатаму го посетивме Памук кале кој со своите топли извори и нереално бели базени остава впечаток како да чекориш по облаците и секако го посетивме античкиот град Ефес кој бил еден од најголемите градови во Римското царство во периодот до околу 100 години пред нашата ера. Сите ученици кои учествувавме во Еразмус бевме сместени кај турските ученици и со тоа можевме да видиме како живеат тие во своите семејства и да ги пробаме нивните традиционални јадења и обичаи, раскажува ученикот Андреј Димковски.
Овој проект завршува до крајот на летото 2022 година и до тогаш преостануваат четири мобилности од кои една треба да се одржи наскоро и во Куманово.
Никола Ивановски / Стефан Младеновски