Насилството врз децата го спречува нивниот нормален развој

Сподели со своите пријатели

Децата кои биле изложени на насилство од било каков вид, имаат потешкотии во учењето, во социјалниот, емоционалниот и физичкиот развој, но и развојот на мозокот. Тие имаат и поголема можност да бидат вовлечени во проблеми, криминал, да развијат зависности, но и самоубиствени нагони, па дури и да се приклучат на криминални банди и терористички организации. Последиците се зголемуваат доколку детето било изложено на повеќе видови насилство.

Ова се дел од согледувањата од истражувања и нови докази од невронауката и психологијата со кои се покажува директната поврзаност меѓу нивото на негативни искуства во детството со успехот и неуспехот во животот на возрасните, соопштени неодамна од УНИЦЕФ.

Потребни се мерки за надминување на ваквите состојби кои предвидуваат сензибилизирање на идните родители за влијанието на сите видови насилство кај децата, добар образовен и систем на здравствена и социјална заштита кои рано ќе ја детектрираат појавата и ќе им помогнат на децата да се справат со неа и да ја надминат. Потребен е и добар правен систем кој ќе ги стави правата на децата пред правата на сите други.

Што покажуваат податоците за состојбата со насилството врз децата

Податоците на оваа организација за насилството врз децата во светски рамки, но и во земјава, се загрижувачки, а со оглед на влијанието на насилството на развојот на индивидуата треба да бидат аларм да се преземат мерки тоа да се спречи или барем да се намали.

Едно од три деца во светски рамки се засегнати од некаков вид насилство. Во Македонија, тоа е случај со речиси секое второ дете. Насилството што детето го трпи во раната возрст најчесто се случува во блиската околина, како семејството, градинката, околината. Тоа не мора секогаш да е физичко, може да биде и емоционална злоупотреба, негрижа, запоставување, сексуално насилство

– Она што може да се види е дека децата кои биле изложени на физичко насилство, дисфункционално семејство, емоционална злоупотреба, запоставување… има многу повеќе шанси да бидат вовлечени во неволја, проблеми, да имаат полоша здравствена состојба, да имаат проблем со учењето. Сето тоа е во некаква корелација, вели Бенџамин Перкс од УНИЦЕФ.

Според него, деца кои биле жртви на висок степен на насилство, или пак на неколку видови насилство, можат да имаат многу сериозни проблеми во развој на нивниот мозок, што, како што вели, повлекува сериозни проблеми во нивниот подоцнежен живот.

– Секоја одлука што ја донесуваме во животот, и всушност целиот наш живот зависи од нашиот мозок. Затоа е многу важно како тој се развива. Речиси 85 проценти од нашите социјални, емоционални и когнитивни вештини се развиваат во најраниот период од животот. Ова е се релативно нови научни истражувања кои укажуваат на поврзаноста на насилството и развојот на детето, вели Перкс.

Иако работите не се секогаш црно бели, и дека во сите случаи децата соочени со насилство ќе станат проблематични, сепак, секој човек кој се соочил со повеќе типови трауми во детството многу е поверојатно дека ќе пуши и пие, ќе има срцево заболување, многукратно поголема веројатност да заврши во затвор, да се самоубие или да се приклучи во некоја националистичка или терористичка група.

– Ако ги анализирате сите криминални, терористички и националистички групи секогаш бараат деца или тинејџери кои што живееле во нестабилност, траума, насилство затоа што тие се полесни за манипулација и заведување, вели претставникот на УНИЦЕФ.

Зошто постои реакција меѓу насилството врз децата и лошите исходи натамошниот живот

Според Перкс, насилството предизвикува состојба на постојан токсичен стрес, особено ако тоа се повторува, што потоа има големо влијание на развојот на децата и се манифестира на различни начини. Поврзаноста, вели, може да се види докаже и медицински со скенирање на мозокот на дете кое трпело насилство и дете кое не било воопшто изложено.

Според него, можат да се забележат несовпаѓања во медицинските скенирани резултати. Се развиваат нормално примитивниот дел од мозокот, но се забележува деформација во другиот дел каде се развиваат социјалните, емоционалните, конгнитивните функции. Не се развива добро, додава тој, ниту рационалниот дел од мозокот.

Какви се состојбите во Македонија

Според податоците на УНИЦЕФ, во Македонија над 50 проценти од децата се соочиле со некаков тип насилство. Процентот на деца изложени на некаков вид насилство, не се разликува многу во однос на тоа дали тие се од сиромашни или богати семејства. Процентот на деца од поимотни семејства кои се соочиле со насилство е 53, а  59 кај деца од посиромашни сиромашни семејства.

Алма Тасевска од Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје се согласува со ставот дека насилството во раното детство има сериозни последици во натамошниот живот. Бројките од над 50 проценти деца во Македонија кои се соочиле со некаков тип на насилство, според неа, укажуваат на два аспекти. Прво на потребата од превенција на ваквите состојби која, како што вели, е доста сериозна за да не се дојде до веќе настаната ситуација која треба да ја третираме, а потоа и рано откривање и рано справување.

Како да се подобрат состојбите?

Претставникот на УНИЦЕФ во Македонија вели дека е потребно да се прават почести кампањи за подигнување на јавната свест за проблемот, но и за навремено откривање и пријавување на насилството кај децата.

Потребен е добар образовен систем, вклучително и претшколски, кој ќе го открие запоставувањето на децата, навремено ќе алармира, добар здравствен систем кој ќе ги открие сите можни трауми од детството, но и ќе даде соодветен одговор. Битни се и добрите социјални служби, што ќе работат со децата кои претрпеле насилство за да се ресоцијализираат, но и правниот систем што ќе им даде целосна поддршка и ќе ги стави правата на децата пред било кои други права.

Тасевска, пак, од Институтот за педагогија, смета дека проблемот треба да се третира преку мултидисциплинарен пристап во кој, како што вели, психолози, педагози, социјални работници интензивно би развивале модули за третман на оваа проблематика.

Исто така, потенцира таа, потребно е и сите идни родители да бидат сензибилизирани за оваа проблематика, ако ништо друго таа да се актуелизира, свесно да се размислува за неа, за да може на некој начин да се препознае и да се интервенира на самиот почеток.

Најголемиот акцент особено во раниот детски развој, според неа, се поставува во семејството затоа што базата на однесување и воспитување децата ја добиваат во негови рамки. Семејството, вели, е битно затоа што насилството од сите видови може да се пренесува генерациски, односно да биде модел на кој детето ќе се однесува кога тоа самото ќе биде родител.

Деканот на Филозофскиот факултет Ратко Дуев смета дека секое општество треба да овозможи нормален развој на децата, за што вели, е потребен и развој на општествените и хуманистичките науки.

– Ставот дека треба да се фаворизираат техничките науки, во светски рамки, бидејќи тоа носи поголем профит. Но, се заборава дека патот за создавање стручен кадар е долг. На секое дете додека порасне, во секое општество му се потребни градинки, училишта, општествени работници кои прават анализа на општествените услови, се борат против насилството врз децата и против сите девијација, вели тој.

Со еден збор, потенцира Дуев, напредокот на најплатените професии се базира на напредокот на општествените професии, односно на обезбедување адекватни услови за секое дете и адолесцент. Ако нема потреба од општествените и хуманистичките професии, вели, ќе нема да постои ниту општеството, ниту човекот во него.

Славица Стефановска / МИА