Љупчо Арсовски, прв амбасадор на Република Македонија во Грција

Сподели со своите пријатели

Љупчо Арсовски е дипломат од кариера и прв Амбасадор на Република Македонија во Грција. Амбасадорскиот мандат го исполнуваше од 1996-2002 како шеф на канцеларијата за врски на РМ во Атина. Важи за одличен познавач на приликите во грчката политика и често се јавува со свои анализи и ставови во јавноста. Во интервју за МИА тој говори за очекувањата од претстојната нова рунда разговори за името што посредникот на ОН во спорот Метју Нимиц ја закажа за во понеделник во Брисел.

Во рамки на својата долга и богата дипломатска кариера од 1997-2003 беше и вонреден и ополномоштен амбасадор во Израел (нерезидентен), од 2008-2012 вонреден и ополномоштен амбасадор во Романија, а од 2010-2012 вонреден и ополномоштен амбасадор во Република Молдова. Од 2012 до пензионирањето ја извршуваше функцијата  државен советник-амбасадор во МНР.

Медијаторот Нимиц за 11-12 декември во Брисел закажа нова рунда разговори за спорот за името со преговарачите на двете земји. Дел од грчките медиуми во очекување на средбата која првично требаше да се одржи кон крајот на ноември, јавија дека на разговорите Нимиц ќе излезе со конкретен предлог. Што може да се очекува од овие разговори?

– Ова е една од рундите што се одвиваат според усогласен предлог дневен ред и место од медијаторот. Во случајов е Нимиц и така беше за сите средби со сите медијатори во овие две децении. Промените на владеачките гарнитури, избори на сите нивоа, природно го прекинуваа овој, да го наречеме, дијалог. Речиси редовно беа присутни шпекулации за наводни предлози, нацрт документи и слично, во зависност од актуелниот политички амбиент. Во сегашнава ситуација по последните избори – парламнетарни и локални во Република Македонија, меѓународната заедница веднаш ја нотира намерата на новата власт да заврти нова страница на нашиот пат кон НАТО и ЕУ. Одличен знак беше најавата на Република Македонија за посебно и позитивно свртување во соработката со соседните земји. Бројните средби на премиерот Заев и министерот за надворешни работи Димитров со партнерите во нашето опкружување покажаа дека од зборови се мина на дела. Бевме сведоци и на боројни позитивни оценки, но, навидум и на завиткани изјави во политичка обланда и пораки дека е потребно или се очекува реален пристап на двете страни во процесот под палката на Нимиц.

Мислам дека е прерано или, би рекол, премногу е сугестивно и амбициозно дека Нимиц ќе изнесе конкретен предлог што ќе биде веднаш соопштен. Повеќе размислувам за одредени разговори во насока „да се почувствува пулсот“. На вашето директното прашање одговарам дека климата и во двете земји на внатрешен план не соодветствува за пријатен простор за соопштување на одредени предлози што би биле веднаш нападнати од „дежурните патриоти“ кои ги има во двете земји.

Новата рунда разговори доаѓа во период на подобрена политичка клима меѓу Македонија и Грција, како и оптимистички очекувања од Скопје, Атина и Вашингтон за ставање крај на долгогодишниот спор. Дали тоа говори за зголемен интерес на Западот да се затвори ова прашање или можеби за поголем ангажман и подготвеност да се изврши притисок врз власта во Атина. И доколку е така, на што се должи тоа?

– По период од речиси десетина години, во кој отсуствуваше вистинска билатерална соработка со Република Грција, земја-членка на ЕУ, и Република Македонија, како земја со кандидатски статус, изгубивме и време и пари и прилика за релаксирање на односите. Ова од причина што имавме многу расположиви фондови на ЕУ наменети за прекугранична соработка, пред се, меѓу општини долж границата, потоа фондови од ИПА програмата особено наменети за екологија, за трилатерална соработка, заедно со Албанија, околу Преспа и се што нуди тоа прекрасно езеро. Вистина е дека пред две години дојде до неколку средби на ниво на МНР, а посебно е значајна иницијативата на Димитров првата посета да ја реализира токму во Грција, со земја со која имаме дводецениско отворено прашање кое ни го наметна токму јужниот сосед. Имаше уште неколку средби, но, на внимателните аналитичари и набљудувачи, секаком ќе им падне во очи неконзистеното однесување на грчкиот министер за надворешни работи Никос Козиас со разни изјави кои доаѓаа во несоодветно време и личеа како да се наменети за внатрешна употреба.

Од друга страна, македонската страна настапува со ентузијазам, со изјави дека „ние не се плашиме и дека ќе влеземе во преговори со добра верба во обид да ги надминеме разликите“. Или дека „мора да најдеме начин двете страни да излезат со чувство дека најважното сме го заштитиле“. Разбираме дека секој патриотизам претставува своевидна грижа за државноста, но секако дека е битно да се декуражираат со одземање на аргументите оние политички и други сили кои со децении веќе имаат интерес да ја држат блокадата за наш натамошен од кон евоатлантските асоцијации. Ова е впрочем и содржано во Времената спогодба меѓу Република Грција и Република Македонија.

Што се однесува до Западот и нивниот зголемен интерес за затворање на ова прашање со потреба за поголема подготвеност да се изврши притисок врз власта во Атина, би рекол дека во прашање се и одредени безбедносни прашања врзани за овој регион гледајќи ја големата слика. Тоа значи дека во констелација на се што се случува во Србија, БиХ и Косово ние сме присутни на соодветен начин и со нашиот проблем во кои се испреплетуваат и одредени интереси и на албанскиот блок, кој живее во Република Македонија и кој сега е практично и во Коалицијата за Македонија, односно во власта.

Но, треба да знаеме дека Грција нема така лесно да се повлече од своите позиции, кои ги освоила на овој или оној начин. Ќе бара одредени сигурни станици во тој процес (на нашиот пат кон НАТО, пред се, а потоа и кон ЕУ), што ќе значат гаранции за нејзините позиции кои ќе бидат прикажани како наводно нејзина добра волја, можеби да наликува извесно разбирање или навидум „нежно“ повлекување се во функција на нашот прием во НАТО. Но, потоа ќе следат секако и други нејзини услови врзано за изборот на компромисот.

Во насока на релаксација на односите и градење доверба од македонска страна беше најавено преименување на аеродромот во Скопје, отстранување на споменици и ревизија на учебниците по историја како гест на добра волја. Грција на овие иницијативи гледа позитивно, дали може да се очекува и од нејзина страна ваков чекор?

– Одредени промени кои би се извршиле во однос на порано преземените постапки за некои имиња, споменици сл. треба да бидат направени во вистински момент, а не како наша добра волја за да придонесеме за релаксакција на односите. Своевремено и Оливер Стоун сними филм за Александар Велики и не ги праша Грците, ниту бараше одобрение за неговото сценарио. Имаше тогаш многу критики, но и тоа стивна и тоа е природно, сепак се тоа уметнички дела, вакви или онакви. Ете и Мајка Тереза на соодветен начин е промовирана и во Македонија и во Албанија без никакви претензии, а таа е родена во Скопје. Во Скопје, на пример, живеел многу години и Гркот Зорбас, кој е починат и неговиот гроб се наоѓа на Градските гробишта во Бутел. Без оглед на тоа што најпознатиот грчки пистаел Казанзакис ја смести неговата смрт на островот Крит, (така, за жал, како погрешно информирани веруват мнозинството Грци), ете тој момент може да спојува и потстетува како пример за некогаш отворен простор во овој убав регион.

Што се однесува за одредена корекција во учебниците по историја и географија со Грција како идеја сум ја истакнал уште во 1996 година, во првата година на моето поставување за амбасадор на Република Македонија во Република Грција. Сметав дека постои потреба во одредени учебници да се избегнат тешки зборови на омраза, омаловажување и сл., кои децата, младите, учениците ги збунуваат и ги водат на несакан правец. Тогаш тоа беше прифатено и имаше предлог да биде заеднички договор на неколку земји од регионот. Беше прифатено како позитивна идеја. Официјално беа разменети учебници и формирани тимови за разговори. Но, за жал, и покрај вербалните позитивни размислувања немаше ниту политичка, ниту културна, ниту човечка волја. Проектот се подзаборави. Инаку, зборот ревизија на учебниците не е во согласност со првичната идеја, и затоа за мене ревизија е тежок збор, пресилен и претставува несоодветена формулација.

Дел од грчките медиуми излегоа со оценка дека немаат единство во однос на решението за името. Дали тоа значи дека се омекнати „црвените линии“ и оти со тоа се дава простор за остварливост на изјавата на Коѕијас дека е можно решавање на прашањето во првата половина на 2018 година?

– Да, во некои грчки медиуми се појавија коментари дека актуелната грчка Влада е поделена околу прашањето за името. Ова особено беше присутно по изјавата на еден од пратениците на опозициската Нова Демократија, кој патем речено некогаш беше и дипломат во Република Македонија. Тој изјави дека ставот на неговата партија е многу јасен, тоа е ставот од Букурешт 2008. Вистина е дека постојат одредени позитивни движења околу употреба на зборот Македонија, но, кога од нивна страна се оди кон ставот дека и при додавање на некоја, на пример географска одредница (Коцијас), тогаш тоа би било име за секаква употреба (ерга омнес) и веќе имаме проблем. Инаку очекувам дека Грција, доколку прифати наш прием во НАТО со референцата и тоа го поврзе потоа со давање согласност за пристапни преговори и побара гаранција за некое наше име со позиција ерга омнес и потреба да се промени нашиот Устав, ќе имаме уште поголем проблем во изведување на завршница во некакви разговори (други велат преговори).

Дали се преголеми очекувањата и што ако и овој обид заврши без успех?

– Па мислам дека после десет години од „чудесната изведба“ со заклучокот на НАТО во Букурешт, треба да се очекува на идниот Самит во 2018 година некое решение за наш прием во НАТО,што е стимулирано во Времената Спогодба. Секое наше обврзување на некакви грчки барања и услови, без разлика за кога ќе бидат планирани и ставени во акција, е тешко прифатливо и бара мудрост и гледање во иднината од повеќе аспекти.

Доколку овој обид заврши неуспешно, важно е која страна за тоа ќе биде обвинета. Грција е искусна во решавање на сложени ситуации на меѓународни, односно на билатерални прашања, поморски појаси, воздушен простор, Кипарското прашање и сл. Таа игра на долги патеки и секако е во предност како земја на НАТО и на ЕУ.

Мислам дека ќе треба да размислуваме и за некои други потези. Ја имаме Времената Спогодба, која инаку сега Грција ја оспорува во неколку сегменти и тоа засилено го афирмира. Ја имаме и Хашката пресуда, која е несомнено во наша полза. За жал, изгубивме 11 златни години и потрошивме силни пари на невредно изведени уметнички, ако можам претенциозно да ги наречам творби и сега не чека многу, многу работа со неизвесност.

Ако во нешто поранешната власт беше единстевна заедно со речиси сите грчки влади, тоа е во третманот на Времената спогодба. Неприфаќање и непочитување.

 Виолета Геров / МИА