Ќе се менува законот за пушење

Сподели со своите пријатели

Владата на Република Македонија подготвува измени за Законот за заштита од пушењето, но според пратеникот Томислав Тунтев, сепак не се очекуваат драматични измени од оној кој и сега е на сила.

Измени ќе има во делот за т.н. тераси, односно делови од угостителски објекти каде е дозволено пушење доколку нема покрив или најмалку од три страни е отворена.

Реков ситна роса зароси и тивко ветре задува, некој од гостите бара да се спушти најлонот, зашто се смениле метеоролошките услови и сега вие од тој момент од пушач треба да се претворите во непушач, само затоа што едниот најлон или едното стакло биле затворени. Ние предлагаме таму каде што е дозволено пушење да биде дозволено без оглед на метеоролошките услови – вели  Томислав Тунтев, пратеник од СДСМ.

Како што вели пратеникот за поголеми измени дополнително ќе се размислува. Но, според угостителите  добро е што конечно ќе се реши каде може, а каде не може да се пуши, бидејќи инспекциските служби различно си го толкуваат законот и казнуваа селективно.

Бројот на пушачи е зголемен, но сепак и најголем дел од нив се против пушење во затворени простории. Според одредени размислувања најдобро е да се постават параметри, дел од објектот да биде наменет за пушачи, а дел за оние кои не конзумираат цигари.

Сепак инспекциските служби започнале да потфрлуваат. Ако во 2010та година правеле 16.000 контроли годишно, во 2015та година имало само 4.000 инспекциски надзори.

Сепак има и угостителски објекти во кои законот не важи. Дури и политичари и инспектори самите конзумираат цигари во нив, што секако треба да се уреди со закон кој за сите ќе важи подеднакво.