19 доенчиња починале минатата година во Куманово

Сподели со своите пријатели

Вкупно 19 доенчиња починале минатата година на подрачјето на Општина Куманово, од кои осум биле од машки пол, објави денеска Државниот завод за статистика.

Вкупниот број на починати лица во 2016 година во Куманово изнесувал 1.023 лица, од кои пред смрт биле лекувани 994. Од нив 315 починале додека биле згрижени во здравствена установа. Во споредба со претходната, 2015 година, себележи намалување на вкупниот број починати лица во Општина Куманово, меѓутоа зголемен е бројот на починати новороденчиња. Во 2015 година починале 12, додека минатата година 19.

Во Општина Старо Нагоричане минатата година, според податоците на Државниот завод з астатистика починале вкупно 92 лица, но меѓу нив нема доенчиња и новороденчиња. Од вкупниот број починати 88 биле лекувани пред смртта, додека животот во здравствена установа го оставиле 19 лица.

Општина Липково минатата година има пет починати доенчиња, од кои четири машки. Вкупниот број починати во оваа општина биле 169 лица, од кои 49 починале во здравствена установа.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во Република Македонија, бројот на умрените лица е намален за 0.2% во однос на претходната година и изнесува 20 421 умренo лицe. Поголем број се од машки  пол и тоа 10 746 или 52.6% од вкупно умрените лица. Бројот на умрените доенчиња изнесува 273, и нивното  учество во вкупниот број на умрени лица изнесува 1.3% на 100 умрени лица.

Според месецот на смртта, најголем број на случаи (2 022) се регистрирани во декември. Просечната возраст кај умрените од машки пол изнесува 70.3 години, односно 74.7 години кај лицата од женски  пол, или за 4.3 години повисока просечна возраст се бележи кај жените.

Како и во минатите години, најголемо учество имаат умрените лица од болести на циркулаторниот систем,  (шифра I00-I99) според МКБ-10 и тоа со 53.5% од вкупно умрените, потоа се јавуваат неоплазмите (шифра C00- D48) и тоа со 19.0%, случаите кај кои причина за смрт се ендокрините, нутритивните и метаболичните болести (шифра Е00-Е90) се застапени со 5.5%, а случаите кај кои причина за смрт се болестите на респираторниот систем (шифра Ј00-Ј99) се застапени со 4.1% од вкупно умрените лица.