Зошто во Германија дојде до еден од најголемите штрајкови во последните децении?

Сподели со своите пријатели

Штрајк на целиот транспортен сектор во Германија, еден од најголемите во последните децении во најголемата европска економија, утринава го парализираше воздушниот, железничкиот, поморскиот и автобускиот сообраќај.

Loading...

Еднодневниот штрајк свикан од синдикатот Верди и железничкиот синдикат ЕВГ е последен во неколкумесечните индустриски акции што ги погодија големите европски економии бидејќи повисоките цени на храната и енергијата го намалуваат животниот стандард.

Двата најголеми аеродроми во земјата, во Минхен и Франкфурт, ги прекинаа летовите, додека германскиот железнички оператор Дојче Бан ги откажа меѓуградските возови.

Штрајкот го опфаќа и водниот сообраќај во Германија и управата на автопатот.

Со оглед на тоа што во штрајкот учествуваат и германските вработени во автопатот, се стравува од големи доцнења во понеделник поради преоптоварување, како и затворање на тунелот, кој нема да се следи поради штрајкот.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Џакарта повеќе нема да биде главен град на Индонезија

Последователно беше објавено дека тунелите нема да бидат затворени.

„Акцијата е прашање на опстанок за милиони работници“

Синдикатот Верди преговара во име на околу 2,5 милиони вработени во јавниот сектор, вклучително и во јавниот транспорт и аеродромите, додека ЕВГ преговара за околу 230.000 вработени во железничкиот оператор Дојче Бан и автобуските компании.

Франк Вернеке, шеф на синдикатот Верди, кој зборуваше за најголемиот штрајк во последните децении, поточно 31 година, рече дека работната акција е прашање на опстанок за милиони работници во услови на висока инфлација, според весникот Bild am Sonntag.

Loading...

Германските потрошувачки цени пораснаа повеќе од очекуваното во февруари – за 9,3 отсто во споредба со претходната година.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Во Јапонија лани регистрирани рекордни 123.000 случаи на злоупотреба на деца

Водачот на ЕВГ, Мартин Буркерт, за понеделничкото издание на весникот Аугсбургер Алгемајне изјави дека работодавците сè уште не дале одржлива понуда и предупреди дека се можни дополнителни предупредувачки штрајкови, вклучително и за време на претстојниот период на Велигден.

Дојче бан во неделата рече дека штрајкот е „прекумерен, неоснован и непотребен“, при што работодавците предупредуваат дека повисоките плати ќе резултираат со повисоки цени и даноци за да се надомести разликата.

Мнозинството има разбирање за штрајкот

Според истражувањето на германската новинска агенција dpa, и покрај големите проблеми што ги донесе штрајкот во транспортниот сектор во Германија, мнозинството граѓани го разбираат прекинот на работата.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Вештачката интелигенција се заканува на осум милиони работни места во Британија

Според истражувањето, 55 отсто од испитаниците заедничкиот штрајк на синдикатите Верди и ЕВГ го сметаат за „оправдан“ или „целосно оправдан“, а 38 отсто акцијата ја сметаат за „неоправдана“ или „целосно неоправдана“.

Истражувањето покажа дека 69 отсто од анкетираните не се погодени од штрајкот бидејќи или не зависат од превозни средства или нашле алтернативно решение за понеделник.

Вработените или учениците по правило се должни да се појават на работното место или на училиште и покрај штрајкот на транспортниот сектор, со оглед на тоа што штрајкот беше најавен неколку дена претходно, што, според законот, овозможува да се најде алтернатива.

Сите информации за економско-енергетската криза во Македонија, регионот и светот можете да ги прочитате ТУКА.

Loading...