Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денеска преку соопштение одговори на прес конференцијата на СДСМ, наведувајќи дека „Максим Димитриевски не е предавник. Тој е огледало – во кое СДСМ не сака да се погледне“.
Соопштението ви го пренесуваме интегрално:
„Најпрво, кога Венко Филипче – симболот на здравствената мафија од време на пандемија, зборува за морал, чесност и патриотизам, тоа е навреда за здравиот разум на граѓаните. Човекот чие министерување ќе остане запаметено по рекетот со вакцини и набавки без фактури, денес се обидува да биде морална громогласна совест? Сериозно?!
Да потсетиме:
Тој што денес го нарекуваат „лажен патриот“, беше еден од ретките кои гласно се спротивставија на договорот со Бугарија, договор со кој од окупатори направивте администратори, а од Гоце Делчев – личност за потценување. Каде беа тогаш гласот и совеста на СДСМ? Каде беа вашите „патриоти“ кога се газеше врз историјата и идентитетот на оваа држава?
Максим зборуваше кога вие молчевте. Максим застана за државата, кога вие ја распродававте.
Но денес, предавник е оној што ја брани државата, а не оној што ја продаде. Денес, според СДСМ, поголем грев е да ја изневериш партијата, отколку да ја изневериш Македонија.
Ниту еден од Вас не проговори кога вашиот поранешен лидер Зоран Заев, држејќи ја раката на срцето, тивко, чекор по чекор, ја разнебитуваше државата. Тогаш, тоа не беше предавство? Тогаш социјалдемократите не ги викавте да се вратат дома?
Затоа, не ги потценувајте граѓаните. Тие знаат кој зборува чесно, а кој зборува по нарачка. Знаат кој бранел држава, а кој молчел за тендер. Знаат кој оди со исправена глава меѓу народот, а кој бега од одговорност.
Максим Димитриевски не е предавник. Тој е огледало – во кое СДСМ не сака да се погледне.
Предавници се оние што ја заменија државата за фотелји, а народот за тишина“, стои во соопштението.