08.03.2019 16:21

ЖЕНИ ХЕРОИ: Приказната за Царевка Виличиќ – борец на НОБ од Куманово


Царевка Виличиќ од Куманово е една од двајцата живи борци на Народно ослободителната борба. Во длабока старост секоја година на големите национални празници им одава почит на своите соборци, кои ја немале среќата како неа да ја видат Македонија слободна.

Во продолжение прочитајте ја приказната за Царевка Виличиќ, која некогаш го носела презимето Велковска.

Таа октомвриска ноќ 1944 година, кога слободата го покажуваше своето румено лице, борците на Третата македонска ударна бригада чекореа по билата од десната страна на реката Треска, недалеку од Скопје. Уморни, гладни, изнемоштени чекореа по стрмниот планински пат што се спушташе кон реката.

Желбата за поубада иднина беше поголема и од студот и од ноќната темница, и од офкаќања на ранетите. Уште малку остануваше до плодовите на нивното големо дело, уште малку па крај на крвопролевањето и окупаторското угнетување, уште малку до остварувањето на желбите.

Одеднаш, грмотевица, светлина од гранати и пушкомитралези, од ново леење крв. Мораше да се прегази надојдената Треска.

Две другарки, едната ранета во стомакот, а другата со крвава десна рака, а во левата пушкомитралез, ја газеа реката. Водата им досегаше скоро до градите. И во моментот пред да излезат од водата два балистички кундака ги удрија по главите. Паднаа онесвестени во студената вода на Треска. А откако ги извлекоа од водата, балистичките кучиња се нафрлија на својот плен. Не гледаа каде и со што дираа. Сепак и двете останаа живи.

– Како се викате? – ги запраша балистот Џемо.

– Јас сум Царевка Велковска од Куманово.

– Албанка ли си или Турчинка?

– Јас сум Македонка – додаде изнемоштената девојка.

Силен удар по градите.

Царевка во НОБ

 

loading...

Попладнето на 25 октомври, двете девојки чекореа по главните улици на Тетово. Кон нив беа уперени повеќе од 30 пушки. Чекореа смео и гордо. Балистите сакаа да ја покажат својата голема сила пред насобраниот народ, над двете немоќни ранети партизанки. Сакаа да ги понижат, но не успеаја. Насобраните граѓани не се смееа, туку плачеа.

Утредента, на 26 октомври Царевка Велковска и нејзината другарка беа префрлени во Гостивар. И таму иста слика. Ги тепаа по улиците на Гостивар, сакајќи да докажат дека тие две се последни партизанки од тој крај. Не, не беа тие последни. Тие беа само две од многуте учеснички во НОБ.

На плоштадот во Гостивар стоеја подолго време опкружени со стража. Тој ден нашата сограѓанка Царевка наполнуваше 14 години. Тогаш беше нејзиниот голем ден. Ја немаше нејзината мајка со топол родителски бакнеж да и го честита роденденот. И таа не мислеше на тоа. Таа мслеше дали тука или на некое друго место ќе ја убијат и дали пак ќе ја мачат.

Поради малолетност не можеа да ја чуваат во затвор, па затоа одново ја вратија во Тетово во визбата на еден стар балист. Тука беше полошо од затвор, без храна, секојдневни испитувања и мачења.

За повторното враќање во Тетово на младата заробеничка Царевка дознала скоевската организација во градот која веднаш го организирала нејзиното бекство. Едно ноемвриско утро влегоа три вооружени другари со бели кечиња на главата.

– Смрт на вашисмот – извикаа сите тројца како по договор.

– Слобода на народот, извикна избледнетата девојка која по еден месец темница ја виде убавината на денот.

Тројцата вооружени младинци беа испратени од страна на скоевската организација со цел да не и се случи нешто на младата херојка при ослободување на градот.

 

Царевка денес

 

Проект на ЈОУ Библиотека „Тане Георгиевски“ за дигитализација на „Наш весник“
Пишува: Момчило Божиновски
Извор: „Наш весник“ број 33 (петок, 1 март 1963. година)

© Крадењето авторски содржини е забрането со закон. Преземањето на текстови и изјави во авторска сопственост на порталот Кумановски Муабети е дозволено делумно, со задолжителен хиперлинк до содржината која се пренесува. Секое преземање фотографија означена со лого, без претходна согласност со Кумановски Муабети, е строго забрането!

Последни наслови

Facebook Comments