Украинскиот претседател Володимир Зеленски призна дека војната во Иран го одвлекла вниманието од руската агресија против неговата земја, изјавувајќи за CNN дека е „голем ризик“ да се помисли дека напорите за прекин на борбите во Украина не можат да продолжат сè додека не заврши конфликтот во Иран.
Во разговор за CNN, Зеленски рече дека иако техничките разговори со Соединетите Држави сè уште се во тек, тој не „гледа можност за состанок сè додека не се затвори прашањето, случајот со Иран“.
Зеленски истакна дека „предизвикот“ е што истиот тим американски преговарачи – предводен од американскиот претставник Стив Виткоф и зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер – води разговори и за војната во Иран и за војната во Украина.
Тој додаде дека иако разбира дека Соединетите Држави во моментов се фокусирани на војната во Иран, важно е да не се заборави Украина, каде што борбите продолжуваат.
Украинскиот лидер рече дека не е опција да се каже дека за Украина „ќе се дискутира малку подоцна. Украина не е „малку подоцна“. Украина е веќе во толку голема трагедија, што мора да најдеме начин да се справиме со тоа паралелно“.
Зеленски, исто така, за CNN изјави дека војната предизвикала прекин на испораките на некои клучни оружја за Украина – особено антибалистички ракети, за кои, според него, Украина не добива доволно поради ограничениот производствен капацитет на САД.
Прашање на живот и опстанок
Зборувајќи за CNN само неколку часа откако Европската унија конечно одобри клучен заем од 90 милијарди евра за Украина, Зеленски рече дека добивањето на парите е прашање на „живот и опстанок“ за неговата земја.
Заемот, ветен на Киев пред неколку месеци, беше долго одложен бидејќи беше блокиран од тогашниот унгарски премиер Виктор Орбан, барајќи Украина да го врати протокот на руска нафта во Европа.
Неговиот убедлив пораз на парламентарните избори во Унгарија минатата недела отстрани една пречка, а транзитот на нафта низ украинскиот дел од нафтоводот Дружба продолжи во среда, откако амбасадорите на ЕУ дадоа прелиминарно одобрение за заемот.
Зеленски за Си-Ен-Ен изјави дека без тие средства, Украина ќе има тешкотии да произведе количина оружје какво што е способна да произведе.
Тој ги наведе пресретнувачите на беспилотни летала како пример, велејќи дека Украина моментално произведува околу 1.000 единици дневно, иако има капацитет за 2.000.
„Но, ние немаме средства. Всушност, станува збор за наш живот, опстанок, одбрана, многу ни требаат тие пари“, изјави Зеленски за Си-Ен-Ен.

