Претседателот на Украина Володимир Зеленски изјави дека Советот за безбедност на ОН во вторник ќе ги разгледа воените злосторства на руските сили во Буча и други украински градови.
„Сите партнери на Украина ќе бидат детално информирани за она што се случи на привремено окупираната територија на нашата земја. Воените злосторства во Буча и другите градови за време на руската окупација ќе бидат разгледани од Советот за безбедност на ОН во вторник“, рече Зеленски, според веб-страницата на украинскиот претседател.
Зеленски рече дека сигурно ќе има нови санкции против Русија, но оцени дека тоа не е доволно, пренесува Интерфакс Украина.
„Потребни се повеќе заклучоци. Не само за Русија, туку и за политичкото однесување што всушност овозможи ова зло да дојде во нашата земја“, рече Зеленски.
Во саботата на интернет се појави видео на кое се гледаат тела на улиците на градот Буча, недалеку од Киев.
Сведок за АП: Русите ги застрелаа градоначалничката од Украина, нејзиниот син и сопругот
Русија ги отфрли обвинувањата дека нејзините сили извршиле злосторства врз 20 цивили.
Министерството за одбрана соопшти дека сите руски единици целосно се повлекле од Буча на 30 март, ден по разговорите меѓу делегациите на Русија и Украина лице в лице во Турција.