Украинскиот претседател Володимир Зеленски во петокот изјави дека Соединетите Американски Држави ја продолжиле испораката на воена помош за Украина, која беше суспендирана минатата недела.
„Според сите извештаи, испораката е обновена“, рече Зеленски во видео обраќање.
Зеленски рече дека Украина ќе продолжи да соработува со американската страна на воено ниво, а особено со специјалниот американски претставник Кит Келог, пренесува Танјуг.
Пентагон ја суспендираше испораката на одредени видови ракети и артилериски гранати за воздушна одбрана на Украина, наведувајќи дека паузата е неопходна сè додека САД не ги разгледаат своите залихи и не ја проценат потребата од зачувување на оружјето.
Пентагон „погрешно разбран“
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави на 8 јули дека ќе испрати повеќе оружје во Украина откако разговараше со Зеленски.
Американскиот државен секретар Марко Рубио во четвртокот изјави дека објавата на Пентагон за залихите на ракети, артилериски гранати и друга опрема за воздушна одбрана е погрешно разбрана.