Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека му наредил на командантот на воздухопловните сили на вооружените сили на Украина да стапи во контакт со партнерите кои претходно ветија дека ќе испорачаат ракети за системите за воздушна одбрана „Патриот“, по масовниот руски напад со беспилотни летала и ракети.
„И важно е секое ветување за помош на Украина да биде исполнето на време. Постојат многу политички обврски на партнерите кои веќе се дадени, но сè уште не се спроведени. Вклучувајќи и во форматот Рамштајн и на билатерална основа. Му наложив на командантот на воздухопловните сили да контактира со оние партнери кои претходно дадоа ветувања во врска со ракетите „Патриот“ и другите системи. Чекам извештај за резултатите, рече Зеленски во објава на Телеграм.
Тој додаде дека во текот на претходниот ден и ноќ, Русија извршила напад со околу 700 дронови, како и 19 балистички и неколку крстосувачки ракети, каде што, како што истакна, повеќето од балистичките ракети биле насочени кон Киев.
Според него, украинската воздушна одбрана соборила 636 дронови и дел од ракетите, но биле регистрирани и погодоци, како и штети на станбени згради.
Зеленски изјави дека има луѓе кои загинале во Одеса, Киев и Днепар, вклучувајќи и дванаесетгодишно момче, додека околу 100 лица се повредени.
„Оваа ноќ докажува дека Русија не заслужува никакво омекнување на глобалната политика и укинување на санкции“, истакна Зеленски.
Тој повика на понатамошно зајакнување на притисокот и поддршката за Украина, особено во областа на воздушната одбрана.
„Русија се обложува на војна, а тоа треба да биде одговорот – ние мора да го заштитиме животот со сета наша моќ и исто така мора да инсистираме на мир со сета наша моќ“, рече украинскиот лидер.
Зеленски им се заблагодари на Германија, Норвешка и Италија за нивната поддршка и новите договори за зајакнување на украинската воздушна одбрана, наведувајќи дека тие работат со Холандија на дополнителни испораки, пренесува Танјуг.

