Зеленски: 40.000 руски војници од Украина пренасочени кон Курск

Сподели со своите пријатели

Приближно 40.000 руски војници се пренасочени од украинскиот фронт во правец на Курск, изјави претседателот на Украина Володимир Зеленски во синоќешното обраќање, пренесува Танјуг, повикувајќи се на украински медиуми.

Loading...

„Веќе успеавме да пренасочиме приближно 40.000 руски воен персонал во оваа насока. Им благодарам на сите наши борбени бригади, на секој војник, наредник, на секој командант за нивната храброст“, рече тој.

Според него, украинските сили го намалиле потенцијалот на руските војници да извршат напади во регионот на Доњецк, но тој посочи дека ситуацијата се уште е тешка во близина на градовите Покровск и Курахов, пренесува Униан.

„План за победа“

Украинскиот Генералштаб објави дека руските сили 36 пати се обиделе да ја пробијат украинската одбрана на правецот Покровск.

Според извештаите, од почетокот на војната во февруари 2022 година, имало 163 воени судири меѓу руските и украинските сили.

Во меѓувреме, Европскиот парламент ги повика земјите-членки на ЕУ да ги укинат ограничувањата што ја спречуваат Украина да користи западни оружени системи за напади на руска територија.

Таа резолуција ја поддржаа 425 европски претставници, 63 беа воздржани, а 131 беа против, пишува украинската агенција.

Претходно од кабинетот на Зеленски потврдија дека тој следната недела ќе отпатува за САД, каде што на американскиот колега Џо Бајден ќе му го претстави украинскиот „план за победа“.

Loading...