Заев и Чавушоглу зборуваа за поддршка на евроатланските интеграции и зголемување на соработката

Сподели со своите пријатели

Турскиот вицепремиер Чавушоглу оценил дека по изборот на новата Влада, Република Македонија влегува во стабилност, како и оти заслужува да биде земја членка на НАТО. Поради тоа, рекол, ќе продолжи поддршката од Република Турција за НАТО аспирациите на Македонија.

Изразена била и надеж дека дека земјата наскоро ќе добие датум за преговори со ЕУ, а поздравени биле и мултиетничките политики на новата Влада за почитување на сите заедници кои живеат во Република Македонија.

– Република Македонија го почитува пријателството со Република Турција кое што се рефлектира со голем број на турски инвестиции во земјата, со соработка во одбраната, со МВР, во областа на образованието, културата и новата Влада таа соработка ќе ја унапреди во интерес на граѓаните на двете држави, рекол Заев.

Тој се заблагодарил за поддршката од Турција за евро-атлантските интеграции на Македонија.

– Ја развиваме Македонија низ потребните реформи во општество за сите граѓани кои живеат во државата. Градиме пријателство со соседите. Се надеваме дека овие политики ќе отворат пат на евро-атлантските стратешки цели на Република Македонија во 2018 година, додал премиерот Заев.

На состанокот особен акцент бил ставен за економската соработка и зголемување на трговската размена. Исто така, била изразена и заедничка определба за политики во интерес на стабилноста и безбедноста на двете држави, но и на регионот и на светот, преку застанување на страната на мирот, против тероризмот и радикализмот.

Чавушоглу изразил благодарност до премиерот Заев за неговото лично учество во одбележувањето на денешниот празник на Турците во Македонија, Денот на настава на турски јазик.

На средбата Заев бил придружуван од министерот задолжен за странски инвестиции, Андан Ќахил и пратеникот Енес Ибрахим, а Чавушоглу од турската амбасадорка во Македонија, Тулин Еркал Кара и пратеници од Парламентот во Турција.

Извор: МИА

Loading...