За шест месеци доставени 120 барања за бесплатна правна помош до Министерството за правда

Сподели со своите пријатели

Со Законот за бесплатна правна помош што почна да се применува од октомври минатата година постапката за остварување ова право е олеснета и доближена до слабоимотната категорија на граѓани. Во периодот од 1 јануари до 30 јуни годинава, како што информираат од Министерство за правда за МИА, доставени се вкупно 120 барања за секундарна правна помош. Од нив 71  барање се одобрени, 29 се одбиени поради неисполнување на услови, а останатите се во постапка.

Loading...

Најчесто барањата од граѓаните, како што велат од Министерството, се однесувааат за семејните прашања (развод на брак, старателство над деца) и имотно-правни прашања (делба на заеднички имот стекнат во брак, нерасчистени меѓи, долгови).

Но, бесплатната правна помош граѓаните покрај за имотно-правни спорови, должничко-доверителски односи, можат да ја добијат и за прашања од пензиско и инвалидско осигурување, за застапување на жртви на семејно насилство, за остварување на социјална помош, за спорови со осигурителни компании…

Буџетот со кој располага Министерството за правда за оваа намена изнесува 5.000.000 денари. Од Министерството посочуваат дека во периодот од јануари до јуни годинава на 26 адвокати им се исплатени 709.065 денари, како награда за дадена правна помош, а како надоместок на три овластени здруженија исплатени се средства во износ од 34.125 денари.

Кои се условите за добивање бесплатна правна помош

Доколку едно лице побара бесплатна правна помош треба да исполни одредени услови. Еден од условите е доколку барателот живее сам неговиот месечен приход да не е поголем од утврдената минимална плата, ако живее во семејство – вкупниот приход да не биде поголем од минимална плата зголемена за 20 отсто од минималната плата за секој член поединечно. Тоа значи доколку минималната плата е 15 000 денари плус 3000 денари или вкупно 18 000 денари месечен приход, ако се двочлено семејство, или 21 000 денари за трочлено семејство, 24 000 за четиричлено семејств, итн. При тоа како приход не се смета надоместок за помош и нега од друго лице, родителски додаток за дете, детски и посебен додаток, додаток заради посебни потреби, надоместок на плата за скратено работно време, итн.

Исто така барателот на правна помош не треба да има повеќе од еден едно станбен објект или стан во зграда, да нема повеќе во сопственост од една или повеќе физички поврзани парцели со вкупна површина од 300 м2 во Скопје, 500 м2 во другите општини, односно една или повеќе парцели со вкупна површина не поголема од 5000 м2 во рурални средини, и едно моторно возило до 1200 кубни сантиметри.

Бесплатна правна помош за новинарите преку членство во соодветните здруженија

Loading...

Но, бесплатна правна помош не нуди само Министерството за правда, тоа го прават и повеќе здруженија, синдикати…, се со цел да им се олесни на граѓаните кои се во незавидна финансиска положба. Новинарите и медиумските работници може да ја добијат преку членство во Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, но и преку членување во Здружението на новинари на Македонија.

Бесплатна правна помош, но само за своите членови нуди и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници. Оттаму за МИА посочуваат дека бесплатната правна помош се однесува за правни совети, застапување на суд и пред други државни институции, пред работодавач и слично за одбрана на работничките права.

Правната помош која ја нуди ССНМ е бенефиција за членовите на Синдикатот, а се со цел организирано и стручно да се заштитуваат работничките права на новинарите и медиумските работници.

-Споменатиот закон не не опфаќа бидејќи ние оваа помош ја нудиме од основањето. Технички гледано таа не е ни целосно бесплатна бидејќи важи за членовите на ССНМ, а тие плаќаат месечна членарина, велат од ССНМ за МИА.

Оваа година од ССНМ  бесплатната правна помош е дадена во над 15 случаи, пред се во вид на правни совети и застапување пред работодавач.

И членовите на Здружението на новинари на Македонија имаат на располагање бесплатна правна помош, во делот на застапување пред суд вообичаено за делата клевета и навреда кога има активна тужба против новинар од страна на друго лице.

-Правната помош која ние ја даваме на нашите членови за нив е бесплатна, но ЗНМ ги плаќа адвокатските услуги за застапување пред суд или за правно советување. Оваа е една од поважните бенифиции кои ги нудиме како членска организација и новинарите како и медиумските работници за да ја користат бесплатната правна помош пред се треба да исполнуваат услови за членство во согласност со Статутот на ЗНМ и Правилникот за членство и да имаат подмирено годишна членарина, велат од ЗНМ за МИА.

Членовите на ЗНМ најчесто бараат правно советување и за ова понекогаш има и дневни прашања и барања. – Освен ова, ЗНМ врши и мониторинг на судски рочишта со физичко присуство на правен застапник за случаи каде има правна постапка против новинар или медиум и само месецов имаше неколку такви, велат од ЗНМ.

Loading...

Моментално, како што посочуваат, имаат помалку од десет случаи на клевета и навреда против новинар, но имаат исто така и кривични постапки каде ценат дека има повреда на права на новинар и за чии случаи правните застапници на ЗНМ водат постапки против државата или трети лица.

Од почетокот на коронакризата до мај Хелсиншкиот комитет обезбеди правна помош во 330 случаи

Бесплатна правна помош обезбедува и Хелсиншкиот комитет за човекови права за ранливи и маргинализирани групи и граѓани во социјален ризик во областа на работните односи и пристапот до вработување, семејното и родово базирано насилство, семејните односи, социјалната заштита, дискриминацијата, говорот на омраза и делата од омраза.

-По започнувањето на кризната состојба предизвикана од пандемијата од коронавирусот, во периодот од март до мај 2020, Хелсиншкиот комитет обезбеди правна помош во 330 случаи. Најчестите пријави, односно 152 случаи, се однесуваа на повреда на правата од работен однос, кои опфатија 2.481 работник. За споредба, во текот на целата 2019 година, Хелсиншкиот комитет им обезбеди правна помош на 400 граѓани, велат од ХК за МИА.

Оттаму додаваат дека во текот на кризата предизвикана од коронавирусот, во периодот од 10 март до 30 јуни, добиле 99 пријави кои опфатиле 799 работници што ги изгубиле работните места, по основ на отпуштања од работа, принудни спогодби, непродолжување на договорите на определено време и непродолжување на договорите на определено време на бремените работнички.

Хелсиншкиот комитет како овластено здружение дава примарна правна помош во вид на општа правна информација, општ правен совет, помош при комплетирање на барањето за секундарна правна помош, пополнување на формулари и обрасци и составување претставки до Народниот правобранител и до Уставниот суд на сите физички лица кои имаат живеалиште или престојувалиште на територијата на Република Северна Македонија.

Од Здружението „ Една може!“, кое ги застапува правата на самохраните родители за МИА  нагласуваат дека кај нив пристигаат безброј барања и официјални и неофицијални за правна поддршка и помош, а во голем број случаи и самиот тим на здружението им нуди насока за користење на правна заштита.

-Во изминативе години, многу е проблематична состојбата со семејно насилство кое го нарекуваме и родово базирано насилство, проблематични се и прекршувањата на работничките права и излегувањето на пазарот на труд кај нашата целна група, има сериозни проблеми во неинклузивноста во можностите за образование и она кое е задолжително со Закон но и во Високото образование, игнорантноста на институциите при решавање на овие проблеми, исто така сме ја решавале со вклучување на Народниот правобранител, имотно правните односи во случаите со родово базирано насилство и правата на децата се исто така чест аларм при кои се детектира неопходноста од бесплатна правна помош, велат за МИА од здружението.

Loading...

За време на пандемијата, како што истакнуваат оттаму,  најчест проблем се незаконските откази и прекршување на работничките права, зголемени се бракоразводните постапки како последица на семејно или родово базирано насилство кое и покрај глобалната распространетост, е еден од најзанемарените мрачни резултати, како на оваа пандемија така и во историјата. Покрај тоа, законодавните тела и услугите достапни за ваквите жртви често се несоодветни, тромави и бирократизирани, и, со тоа, ја влошуваат нивната состојба наместо да ја превенираат и санираат.

Сепак, велат од Здружението, сите преземени мерки за справување со Ковид-19 резултираа во парадокс на социјално дистанцирање, кој вклучува прашања како што се економска нестабилност, проблеми со менталното здравје и изолација и се ова потенцирано од аспект на полот.

Здружението „Една може! “ оваа година работи на формализирање и влегување во Регистар на официјални здруженија кои ја нудаат оваа бесплатна правна помош.

– До сега сите услуги кои сме ги понудиле биле неформална бесплатна правна поддршка и независна од моменталниот статус на здружението. Со други зборови, без оглед  дали сме биле или не поддржани да го работиме ова, го работевме со нашите параправнички, обучени лица кои самите минале низ правни лавиринти и не само што на своја кожа искусиле туку и за истотот добиле соодветна обука па стекнатотот знаење го споделуваат и со останатите на кои им е неопходно водење низ овие процедури, велат од ова Здружение.

Бесплатната правна помош се дава под услови и во постапка предвидени со овој закон. Бесплатната правна помош може да биде дадена како примарна правна помош и како секундарна правна помош. Примарна правна помош се дава од страна на овластено службено лице на Министерството, овластено здружение и правна клиника. Секундарна правна помош даваат адвокати во постапка пред суд, државен орган, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија, Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија и лица кои вршат јавни овластувања во согласност со одредбите од овој закон. 

Даниела Маркоска Алексовска

Loading...

Leave a Reply