169 возачи биле санкционирани вчера (02.07.2025) на подрачјето на Куманово и Тетово, во рамки на акциска контрола спроведена од 16.00 до 22.00 часот.
Контролата ја реализираа Секторот за сообраќајни работи при Одделот за униформирана полиција во Биро за јавна безбедност и Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, санкционирани се 17 возачи за управување без возачка дозвола, 13 поради истечен рок на важност на сообраќајната дозвола, а двајца возачи управувале возило со несоодветна категорија.
„Изречени се девет мерки за возачи кои управуваат моторно возило како возачи почетници, односно со сила на мотор на возилото поголема од дозволената, 73 санкции за возачи на мотоцикл поради не користење на заштитна кацига, пет мерки за затемнети стакла без извршен А-тест, осум санкции за вршење јавен превоз на патници без лекарско уверение. Одземени се два мотоцикли по член 344 од ЗБСП. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци“, соопштува МВР.
Од Министерството најавуваат дека сообраќајните контроли ќе продолжат и во наредниот период, со апел до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите за да се зголеми безбедноста на патиштата.
Никола Ивановски