ВОЗЕТЕ ВНИМАТЕЛНО: Влажни коловози низ земјава, кај Страцин врнежи од снег

Сподели со своите пријатели

Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози во северните, западните и југозападните делови од државата, на некои повисоки места наместа со мали остатоци од кашест снег по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат, информираат од Автомото сојузот на Македонија.

Во останатите делови од државата коловозите се наместа влажни. Врнежи од снег со слаб интензитет се бележат во Страцин и на планинските премини Плетвар и Пресека. Овие врнежи во моментов не претставуваат пречка за одвивање на сообраќајот.

Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на планинскиот превој Стража и на Попова Шапка.

АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Во клисурите и засеците можна е појава на одрони, особено на патните правци: Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.