Од денеска, 25 март до 10 април, во Унгарија ќе се одржат воените маневри МИЛЕКС 2025, најголемата воена вежба на Европската унија, соопшти унгарското Министерство за одбрана.
Во соопштението се вели дека целта на воените вежби е да се тестираат способностите на борбените групи на ЕУ за копнени операции, пренесе унгарската новинска агенција МТИ.
„Со вежбите ќе се тестира подготвеноста за брз одговор и способноста за координација меѓу земјите-учеснички во реални услови“, се вели во соопштението на унгарското Министерство за одбрана, во кое се додава дека подготвеноста на борбените групи ќе се тестира преку жив оган и тактички маневри.
Ференц Кајари, заменик началникот на Генералштабот на унгарските вооружени сили, изјави дека учеството во овие воени маневри претставува и „израз на посветеноста на Унгарија за зајакнување на одбранбените капацитети на ЕУ“.
„Ефективноста на брзиот одговор и соработката ќе бидат клучни за соочување со безбедносните предизвици во иднина“, заклучи генералот Кајари.
На овие воени вежби под команда на EUROCORPS ќе учествуваат вкупно 900 војници од Унгарија, Полска, Германија, Белгија, Австрија, Ирска, Шпанија, Франција, Хрватска, Литванија и Латвија, наведува унгарската агенција.