Регионалните спортски натпревари на пензионери годинава се одржуваат по 25 пат, a домаќин е градот Куманово. Пензионери од неколку градови од регионот ќе се натпреваруваат во неколку спортски дисциплини, а само најдобрите ќе бидат прогласени за победници.
Регионалните спортски игри ги отвори градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски, кој вели дека е преубаво да се гледа ентузијазмот на оваа генерација луѓе.
– Голема ми е честа што имам можност да присуствувам на овој спортски настан кој што го организира Здружението на пензионери од Куманово и Сојузот на пензионерите. Имаме голем број на гости од повеќе градови од регионот: Крива Паланка, Злетово, Пробиштип, Кратово и останатите градови од регионот. Едноставно се чувствувам многу убаво кога го гледам тој ентузијазам на оваа генерација на луѓе од трета доба, им посакувам успех на сите, а ние како општина ќе продолжиме да соработуваме со овие здруженија кои се едни од најорганизираните во нашата општина- изјави градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски.
Овие натпревари се одржуваат по 25 пат, а настанот ќе се организира во новоизградените спортски комплекси на СТУ„ Наце Буѓони“ во Куманово.
– Натпреварите претставуваат еден мал дел од севкупните активности што ги имаат здруженијата на пензионерите, а тие се насочени кон многу подостоинствен живот на пензионерите, односно на овој начин сакаме да настојуваме да се движат, релаксираат, дружат, како нивниот пензионерски живот би поминувал многу попријатно и опуштено- рече директотор на Здружението на пензионерите од Куманово, Благе Јакимовски.
Пензионерите ќе се натпреваруваат во шест дисциплини: трчање на 60 метри, трчање на 80 метри, фрлање ѓуле, скок од место, шут во гол и слободни шутирања во кош.
Победниците од овој регионален натпревар ќе се стекнат со право да одат на државните спортски пензионерски игри кои ќе се одржат на 29 септември во Велес.
Текст/фото: М.Ф.