Во Општина Куманово досега се поднесени вкупно 26.256 барања за легализација на дивоизградени објекти, од кои 5.836 сè уште не се решени, информираше градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
Според него, голем дел од нерешените предмети се должат на некомплетна документација.
– Законот за легализација е донесен во 2011 година и во три наврати наназад се продолжувани роковите за завршување на таа постапка. Точно 26.256 барања се поднесени во Општина Куманово, од кои 5.836 сè уште не се решени, а од нив 4.308 барања се некомплетни, изјави Димитриевски.
Тој појасни дека последните измени на законот не овозможуваат поднесување нови барања, туку имаат за цел да се завршат постапките кои веќе се започнати.
– Истата ќе продолжи согласно последната измена на законот таа не се однесува за поднесување на нови барања за легализација туку првенствено се однесува да бидат завршени сите овие постапки коишто се веќе отпочнати, рече Димитриевски.
Димитриевски нагласи дека проблемот со дивоградбите не е присутен само во Куманово, туку и во голем број други општини во државата, особено со објекти изградени по донесувањето на законот, кои не се опфатени со постојната регулатива.
Тој додаде дека во Куманово има стотици вакви објекти кои се на листа за извршување, но посочи дека не постои економска логика за нивно рушење.
– Ние на листа на извршување имаме над 600 објекти на територија на Општина Куманово и не постои економска логика за извршување на истите, нагласи Димитриевски.
Градоначалникот посочи дека веќе разговарал со премиерот и со коалициските партнери за можноста за ново законско решение.
– Јас како претседател на знам веќе разговарав и со премиерот и со останатите коалициски партнери, работиме на едно заедничко решение се со цел да се изнајде начин како најголем дел од оние објекти коишто се изградени на приватни земјишта, а не го загрозуваат јавниот интерес да бидат опфатени можеби во иднина со еден нов закон за легализација со којшто ќе се даде можност истите да се легализираат, рече Димитриевски.
Тој додаде дека доколку се донесе такво законско решение, целта ќе биде објектите да се легализираат, но без привилегирање на оние кои незаконски граделе.
„Ако веќе ја злоупотребиле довербата еднаш да го платат најмалку полниот износ на комуналните давачки кон општините и државата, рече Димитриевски.
Според него, конечната цел е со ново законско решение да се стави крај на дивоградбите во државата.
– Би сакал еден таков закон да се донесе со апсолутен консензус но со коишто закон ќе се стави крај на дивоградбите во државата ќе дојде до една сателитска конечна снимка истата ќе влезе како акт во законот и истата ќе биде третирана се со цел да не се злоупотребува дивоградбата и доаѓање преку законот за легализација до имотен лист, изјави Димитриевски.
Тој потенцира дека како градоначалник и како политички лидер се залага за градење, но и за заштита на јавниот интерес.
– Нашата цел и мојата цел и како градоначалник и како лидер на еден политички субјект дојден сум да градам не да уривам, но секој еден поединец кој што задира во државниот и јавниот интерес секако дека ќе биде урнат“, изјави Димитриевски.

