ВМРО НП: Зошто не се објавени податоците за запишани ученици во учебната 2015/16?

Сподели со своите пријатели

Во писменото соопштение на ВМРО Народна партија испратено до медиумите, партијата потенцира дека безмалку еден месец од почетокот на новата учебна година, се уште не се објавени точните бројки за запишани првачиња, ученици во основни и средни училишта и нивната етничка припадност поединечно, за ученици Македонци, Албанци, Турци, Роми и други.

Loading...

„Токму заради прикривањето на овие податоци имавме тешки пореметувања во одржувањето на наставниот процес, како што беа бројни бојкоти на ученици, родители и наставници, барање оставки на директори и други функционери од сферата на образованието, еднострани промени на имињата на училиштата, до катастрофални погрешни решенија на инспекторатот за образование, што доведоа до улични протести. Заради сето ова, македонската јавност треба да знае каков е текот на демографските движења, со што сигурно ќе се избегнат вакви несакани процеси“.

ВМРО-Народна партија е зачудена од молкот на албанските политички партии за овој проблем, кога се знае дека врвен приоритет во корпусот на нивните партиски и политички дејствувања е правото на еднаквост во образованието и подобрувањето на условите во училиштата со албански наставен јазик, за што ние како партија сме се согласиле повеќе пати дека се во право.

Министерството за образование и Државниот завод за статистика според ВМРО НП, треба итно да ги објави овие податоци за да се избегнат погрешни и своеволни проценки, што може да доведат до сериозни меѓуетнички нарушувања, се вели во писменото соопштение на ВМРО-НП.
Извор: мкд.мк