Пратениците во украинскиот парламент не сакаа да го разгледаат предлог-законот за справување со оние кои одбиваат мобилизација.
Пратениците критикуваа некои од предложените мерки, наведувајќи дека предлогот на претседателот Володимир Зеленски е неуставен.
Некои од нив предложија и намалување на времетраењето на воениот рок од 36 месеци, како што е предложено во споменатиот акт, на 18 месеци.
Предлог-законот е создаден во обид да се привлечат повеќе луѓе во украинската армија, бидејќи Киев се соочува со проблеми на фронтот по речиси две години руска инвазија.
Украинската влада, исто така, планираше да ја намали старосната граница за присилна мобилизација за мажи од 27 на 25 години.
На крајот на минатата година Зеленски изјави дека на земјата и се потребни дополнителни 450.000 до 500.000 војници за да се справи со руската инвазија.
Но, некои одредби од предложениот закон предизвикаа критики, како онаа што би ги ограничила имотните права и управувањето со личните пари на луѓето кои одбиваат мобилизација.
Предлогот вклучува повици до Украинците по електронски пат да се приклучат на армијата.
На почетокот на војната, десетици илјади мажи доброволно се пријавија да се приклучат на армијата, но речиси две години подоцна станува сè потешко да се убедат повеќе луѓе да го сторат тоа.
Во декември беше објавено дека Украинците кои живеат во странство можат да бидат повикани во војска.
Министерот за одбрана Рустем Умеров објасни дека тоа ќе биде покана, а министерството подоцна појасни дека неговото одбивање нема да доведе до никакви санкции.
Зеленски ги нарече обидите да се зголеми бројот на војници „чувствително“ и скапо прашање.
На оваа тема се дебатира откако контраофанзивата на Киев беше неуспешна, а транши од воена помош од Запад не пристигнуваа како досега во изминатите месеци.
Во Америка републиканците го блокираа усвојувањето на пакет мерки за нова помош за Украина од 61 милијарда долари, а Унгарија не ја поддржа помошта од 50 милијарди евра, која требаше да пристигне од ЕУ.
Преговорите за идните пакети помош од Америка се „суспендирани“ поради дебатата за буџетот на САД, изјави на 11 јануари Џон Кирби, портпаролот за национална безбедност на Белата куќа.
Зеленски моментално е во посета на балтичките земји, со цел да обезбеди дополнителна поддршка и да влијае на западните сојузници да му испратат на Киев повеќе оружје за одбрана од воздушни напади.
Во Естонија тој предупреди на опасностите од колебливоста на Западот.
„Понекогаш несигурноста на партнерите при обезбедување финансиска и воена поддршка само ја зголемува храброста и силата на Русија“, рече тој.
Претходно, извештаите од Америка предупредуваа дека повеќе од една милијарда долари воена помош за Украина, која беше испорачана од февруари 2022 година, не била правилно искористена.
Наодите на генералниот инспектор на Пентагон тврдат дека воените претставници во Вашингтон и во Европската унија не успеале да откријат каде завршиле илјадници оружја, вклучително и ракетни фрлачи и противвоздушни ракети.
Ова води до растечки стравувања дека 1,69 милијарди воена помош за Украина можеби отишле на погрешна страна.
Меѓутоа, подоцна во изјавата одговарајќи на извештаите, Герет Трот, шеф на американската војска за Европа, изјави дека „не се пронајдени докази за неовластено пренесување на оружје испратено во Украина“.
Сепак, во извештајот се наведува и дека „не се занимава“ со утврдување дали оружјето било злоупотребено.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.