Руската војска денеска соопшти дека соборила неколку украински беспилотни летала на нејзина територија.
Руската војска на Телеграм објави дека соборила три украински дронови над јужниот регион Брјанск, еден над централниот регион Орлов и еден во регионот Калуга јужно од Москва, пренесува N1.
Руските власти соопштија дека бил нападнат аеродромот Псков во близина на границата со Латвија и Естонија.
„Министерството за одбрана го отфрла нападот со дрон на аеродромот во Псков“, напиша гувернерот на Псков, Михаил Ведерников на апликацијата за пораки Телеграм.
Според првите извештаи нема повредени, рече тој.
„Како резултат на нападот со беспилотно летало беа оштетени четири авиони Ил-76. Избувна пожар и се запалија два авиони“, јави руската новинска агенција ТАСС, повикувајќи се на итните служби.
Руските медиуми објавија снимка на која се гледа густ и црн чад над аеродромот.
По извештаите за нападот со дрон, ТАСС јави дека воздушниот простор над московскиот аеродром Внуково накратко бил затворен.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, пак, ги повика жителите на главниот град на Украина да останат во засолништа откако утрото се слушнаа експлозии во Киев.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.