Украина: Минатиот месец ослободивме над 600 населби

Сподели со своите пријатели

Украинската армија во изминатиот месец ослободи повеќе од 600 населени места од руската окупација, од кои 75 се во стратешки исклучително важната област Херсон, соопшти украинското Министерство за реинтеграција на привремено окупирани подрачја.

Loading...

Околу 500 населби се ослободени во североисточниот регион Харков, каде што украинските сили постигнаа голем напредок пробивајќи ги руските линии минатиот месец, објави украинското министерство доцна во четвртокот.

Во соопштението на министерството се наведува и дека 43 населени места се ослободени во регионот на Доњецк, а седум во регионот на Луганск.

„Површината на ослободените украински територии е значително зголемена“, соопшти украинското министерство на својата веб-страница.

Агенцијата Ројтерс јавува дека не било можно самостојно да се проверат овие наводи и дека директна потврда за нив сѐ уште не пристигнала ниту од украинската армија ниту од кабинетот на украинскиот претседател.

Регионите Херсон, Доњецк и Луганск, заедно со Запорожје, беа „анектирани“ од Русија на крајот на минатиот месец, додека контраофанзивите на украинските сили напредуваа брзо на североисток, исток и југ. Руските „анексии“ беа наречени нелегални и од Киев и од Западот.

Во четвртокот, во украинската област Херсон, тамошниот гувернер назначен од Русија апелираше до жителите да ја напуштат областа додека продолжуваат борбите меѓу руските и украинските сили.

Украина започна контраофанзива на крајот на август за да ги истера руските сили кои ја окупираа земјата од почетокот на инвазијата во февруари.

Loading...

Русија сè уште го нарекува својот напад врз Украина „специјална воена операција“ за демилитаризација и „деназификација“ на таа земја.

Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.