Украина постави магацини во нејзиниот северен регион Суми за складирање и испраќање хуманитарна помош за руските цивили во делот на западниот руски регион Курск кој сега е под контрола на Киев, потврдија украинските власти.
Официјален Киев објави дека презел контрола над 82 населени места на површина од 1.150 квадратни километри во регионот, откако започна голема прекугранична офанзива на 6 август, пренесува Ројтерс.
„Граѓаните кои се напуштени од Русија се претежно постари лица, лица со посебни потреби и семејства со деца. Ним им треба храна, вода и лекови“, објави министерот за внатрешни работи Ихор Клименко на апликацијата за пораки Телеграм.
Тој не прецизираше колку магацини се поставени или каде се наоѓаат, но на видеото објавено на сметката на министерството во Телеграм се гледа голем шатор на надувување и украински воен персонал кој носи пакети и пакува храна.
Коридори за евакуација
За време на посетата на регионот Суми што се граничи со руската област Курск, Клименко рече дека речиси 150 пакети со храна биле испратени до цивилите во областа.
Киевските власти најавија дека планираат да создадат коридори за евакуација од регионот Курск и да отворат пристап до меѓународните хуманитарни мисии.
Русија го нарече украинскиот упад „голема провокација“ и вети дека ќе возврати со „достоен одговор“, повеќе од 2,5 години откако започна целосна инвазија на соседна Украина.