Полскиот премиер Доналд Туск денеска во Европскиот парламент ги повика европските граѓани да ги отфрлат комплексите за нивниот однос со Америка, наведувајќи дека Европа ги има истите права и основа да зборува за својата големина и достигнувања како и САД.
„Оваа политичка промена во САД предизвика дезориентација кај некои политичари. Но, тоа во никој случај не го оправдува падот на европскиот дух. Сите го слушавме говорот на Доналд Трамп за големото минато, мнозинството, иднината. Европа има еднакви права да зборува за нејзината големина, само треба широко да ги отвориме очите“, рече Туск.
Обраќајќи им се на европратениците за приоритетите на полското претседавање со Европската унија во првите шест месеци од оваа година, Туск започна со парафраза на полската химна „Европа сè уште не паднала додека живееме“.
„Живееме во време на глобални немири. Војната е тука на нашите граници. Можеме да зборуваме за одредена криза на духот. Објективно гледано, Европа нема причина да има комплекси. Сакам да им порачам на сите Европејци, држете ги главите високо. Европа беше, е и ќе биде голема“, рече Туск.
Полскиот премиер нагласи дека и покрај големите спорови во Европа, кавгите во националните парламенти и жестоките кампањи, Европејците сепак секогаш успеваат да најдат заеднички простор и чувство на заедништво.
„Европа ја изгради својата големина со тоа што никогаш не се плашеше да се впушти во непознатото. Европа е континент на најголемите пронаоѓачи и стратези. Тој предизвик во Белата куќа може да биде можност за нас. Александар Велики, Колумбо, Викинзите, оние кои ја открија Америка – тоа е Европа“, рече Туск.
Надоврзувајќи се на слоганот на полското претседателство со ЕУ, „Безбедност, Европа“, тој го парафразира поранешниот американски претседател Џон Ф. Кенеди и рече:
„Не прашувајте ја Америка што може да направи за вашата безбедност. Запрашајте се што можете да направите вие. Европа може да биде вистинска сила, само треба да веруваме во неа“.
Тој ги повика Европејците, доколку не сакаат постојано да ги зголемуваат воените трошоци, сега повеќе да инвестираат во одбраната и безбедноста, бидејќи од тоа зависи иднината на светот што го знаат.
„Ако европските вредности сакаат да опстанат, луѓето не можат да ја сметаат демократијата беспомошна. ЕУ мора повторно да стане синоним за сила. Тој што е беспомошен е беден, достоен за презир“, рече Туск.