Турција и Израел ги обновуваат дипломатските односи

Сподели со своите пријатели

Турција и Израел одлучија да ги обноват целосните дипломатски врски.

Loading...

Двете земји повторно ќе назначуваат меѓусебни амбасадори, изјави денеска турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.

„Именувањето на амбасадор е еден од чекорите за нормализирање на односите. Таков позитивен чекор дојде од Израел како резултат на тие напори, а ние како Турција, исто така, решивме да назначиме амбасадор во Израел, во Тел Авив“, рече Чавушоглу, пренесе Танјуг, цитиран од Ројтерс.

Говорејќи на прес-конференција во Анкара, тој додаде дека Турција започнува процес за одлучување кој ќе биде назначен на функцијата.

Одмрзнување на односите

Двете земји протераа амбасадори во 2018 година, откако израелските сили убија 60 Палестинци за време на протестите на границата со Газа против отворањето на американската амбасада во Ерусалим.

Посетата на израелскиот претседател Исак Херцог на Турција во март, проследена со посети на двајца министри за надворешни работи, помогна за затоплување на односите по повеќе од една деценија напнатост.

Одлуката доаѓа додека Израел се обидува да ги подобри врските со регионалните сили, а беше договорена две години по таканаречениот Абрахамски договор, со кој се нормализираа односите меѓу Израел, Бахреин, Обединетите Арапски Емирати и Мароко.