Триесет и двајца Mакедонци издржуваат доживотни затворски казни

Сподели со своите пријатели

Во пресрет на националниот празник на Република Македонија, 2 Август, претседателот Ѓорге Иванов помилува 45 осудени лица.

Loading...

Седум од нив се помилувани потполно, додека 38 лица делумно се ослободуваат од извршување на затворска казна, стои во соопштението од кабинетот на претседателот.

Но во македонските затвори, од самостојноста на државата па се до сега судовите изрекле 38 пресуди со казни доживотен затвор.

Од 38 лица, 32 веќе ги издржуваат казните, а останатите шест се однесуваат на случајот „Монструм“, кој заврши пред десетина дена. За Нетпрес, директорката на Управата за извршување санкции, Лидија Гавриловска вели дека Управата води само статистички бројки за тоа за кое кривично дело колку осудени лица има, додека подетални информации имаат казнено-поправните установи каде лицата ја извршуваат казната.

„Во Македонија се изречени 32 доживотни казни затвор. Сега имаме и шест нови за случајот ’Монструм’, но тие сеуште не влегуваат во оваа бројка бидејќи имаат право на жалба. Сите осуденици, на кои им се изречени вакви казни, се наоѓаат во Казнено-поправната установа ’Идризово’“, вели директорката Гавриловска.

Од директорот на скопскиот затвор „Идризово“ Живко Пејковски вели дека 32 лица се осудени на доживотна затворска казна во оваа установа. Тој додава дека и овие лица имаат право на помилување, но откако ќе одлежат најмалју 15 години затвор.

„Во КПУ ’Идрзиво’ 32 лица одлежуваат доживотна казна затвор. Од нив само двајца лежат повеќе од 15 години. Ние на неколку пати сме поднеле барање до претседателот за нивно помилување, но ниеден од нив досега не е ослободен“, изјави Пејковски за Нетпрес.

Тој додава дека без разлика што се осудени на доживотна робија, исто како и останатите и тие ги уживаат правата и погодностите кои им следуваат со куќниот ерд на казнено-поправната институција. Според него, со овие затвореници се работи на нивна ресоцијализација.

„Овие лица се ресоцијализираат исто како и останатие затвореници. Тие работат во затворениот дел каде се сместени. Имаат контакти со другите осудени лица и ги користат сите права и погодности кои ги налага куќниот ред. Имаат право на посети, слободни видувања, работни ангажмани, како и шетање по часа во делокругот на затворот“, објаснува Пејковски.

На почетокот на 2015 година, претседателот помилува 24 затвореници, додека минатата година за Денот на Републиката 27 затвореници беа целосно или делумно ослободени од издржување на затворската казна.

Извор: Нетпрес

Loading...