Трамп воведе „досега најголем“ пакет санкции кон Пјонгјанг

Сподели со своите пријатели

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска објави дека САД вовеле нов пакет санкции кон Северна Кореја, кои, како што рече, се најголем што кога и да било досега се воведени кон Пјонгјанг.

– Денеска ги воведовме досега најтешките санкции кон таа земја. Искрено се надевам дека од сето тоа ќе произлезе нешто позитивно. Ќе видиме, изјави Трамп во обраќањето на традиционалниот собир на републиканците, познат како Конзервативна политичка акција (ЦПАЦ), што се одржува во едно предградие на Вашингтон.

Како што соопшти американското Министерство за финансии на својата веб страница, со новите санкции се опфатени едно физичко лице, 28 брода и 27 трговски и транспортни компании, кои им помагале на властите во Пјонгјанг „да ги избегнуваат санкциите“, воведени како одговор на нуклеарните проби и програмата за развој на балистички ракети.

Бродовите опфатени со санциите се регистирани или пловат под знамиња на Северна Корека, Кина, Сингапур, Тајван, Хонг Конг, Маршалските Острови, Танзанија, Панама и Коморските Острови.

Целта на овие санкции е „ограничување на изворите на приходи и на нафта, кои режимот ги користи за финансирање на својата нуклеарна програма и својата армија“.

Советот за безбедност на ОН последнава година воведе серија санкции кон Северна Кореја, со цел да ги принуди властите во Пјонгјанг да се откажат ид нуклеарната и балистичката програма.

Аналитичарите проценуваат дека најавеното дополнителното зајакнување на санкциите од страна на САД, би можело да ги уништи напорите за подобрување на однсоите меѓу Пјонгјанг и Сеул, до кои дојде во пресрет на Зимските олимписки игри што се одржуваат во јужнокорејскиот град Пјонгчанг и кои дури вклучуваа и најави за можна средба на лидерите на Северна и Јужна Кореја./МИА

Leave a Reply