Поранешниот американски претседател и републикански претседателски кандидат Доналд Трамп изјави дека атентатот врз него во Пенсилванија, кога тој беше полесно повреден, е надреално искуство и дека „треба да е мртов, но за среќа се уште е тука“.
Во интервју за „Њујорк пост“ што го даде летото во Милвоки, каде од денеска до четврток се одржува конвенцијата на републиканците, Трамп изјави дека докторот во болницата му рекол дека никогаш не видел вакво нешто и дека тоа било вистинско чудо.
„Не треба да бидам овде во моментов, треба да бидам мртов. За среќа, сè уште сум тука“, рече Трамп.
Тој додаде дека агентите на Тајната служба го придружувале од говорницата во Пенсилванија иако сакал да го продолжи своето обраќање пред толпата поддржувачи, но бил предупреден дека не е безбедно и дека треба да го однесат во болница бидејќи крварел.
Трамп истакна дека бил зачуден од тоа колку брзо реагирале агентите штом почнало пукањето.
Тој додаде дека агентите интервенирале толку решително и жестоко што чевлите му паднале од стапалата, објаснувајќи зошто на видеото за време и по пукањето, додека агентите се обидувале да го симнат од бината, се слуша како вели: „Чекај! Сакам да си ги земам чевлите“.
Трамп го пофали персоналот на Тајната служба за ефективно неутрализирање на напаѓачот, лоциран на околу 120 метри од подиумот.
Тој истакна дека ја цени поканата што ја добил од американскиот претседател Џозеф Бајден, опишувајќи ја како „добар и многу убав гест“.
Според поранешниот американски претседател, нивното ривалство отсега би можело да биде поцивилизирано.