ТППЕ Куманово доби три нови возила за гаснење пожари (ФОТО)

Сподели со своите пријатели

Три нови противпожарни возила ќе бидат ставени на располагање на Територијалната противпожарна единица Куманово, како донација во рамки на соработката меѓу Општина Куманово и покраината Тирол од Австрија.

 

 

Информацијата ја соопшти градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, кој информираше дека претставници од ТППЕ Куманово и од Доброволното противпожарно друштво учествувале на петдневна обука во Тирол, посветена на справување со пожари на отворен простор и спасување лица од височина.

 

 

Според соопштението, пожарникарите преку практична едукација стекнале нови знаења и вештини кои ќе ги пренесат и на останатите колеги во единицата.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Петковска: Вештачката интелигенција ја потиснува природната интелигенција кај младите (ВИДЕО)

 

 

Воедно, тие имале можност директно да се запознаат со функционирањето на австрискиот противпожарен систем и начинот на работа на доброволните противпожарни друштва.

 

 

Донацијата на трите возила претставува продолжение на соработката што Куманово ја развива со австриските партнери во изминатиот период.

 

 

Минатата година Општината доби и современо противпожарно возило со корпа и хидраулична скала висока 32 метри, исто така како донација од Тирол. Возилото е наменето за интервенции во висококатници, спасување лица од височина и гаснење пожари на повисоки објекти.

 

 

Тогаш од Општина Куманово посочија дека градот е избран како една од општините во државата каде што ќе се реализираат реформи во противпожарниот систем по примерот на Австрија, со акцент на развојот на доброволните противпожарни друштва и подобрување на капацитетите на ТППЕ.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Пакувања со дрога пронајдени кај кумановец кој бил на пауза од затворската казна

 

 

Уште во јули минатата година беше најавено дека покрај возилото со скала, Куманово треба да добие дополнителни противпожарни возила преку донација од Австрија, што сега се реализира со најновата донација од три возила.

 

 

Од локалната самоуправа очекуваат новата опрема и обуките во Австрија дополнително да ја зголемат подготвеноста на кумановските пожарникари за справување со пожари и други вонредни ситуации, особено во пресрет на летната сезона кога ризикот од пожари на отворен простор е значително поголем.

Никола Ивановски