“Тигри“- екстремно обучени чувари на нашата безбедност (ФОТО)

Сподели со своите пријатели

Триесет денови отцепени од светот, без мобилен телефон, телевизија, радио, слушајќи го само она што ќе го кажат нивните надредени. Симулации на напади, изградба на бункери, ровови, биваци, во меѓу време дневни и ноќни маршови со различно темпо и должина по едвај прооден терен, хранење со ресурси од природата, е само дел од првата фаза од обуката што ја поминуваат лицата кои сакаат да станат дел од најсилните бранители на нашата татковина.

Денот кога добивме можност да ја посетиме Единицата за специјални задачи, позната како „Тигар“, забележавме дека припадниците, зад чии маскирани тела и скриени идентитети се кријат топли срце и огромна великодушност, со огромна љубов и задоволство ја извршуваат својата работа и се подготвени по цена на животот да ја заштитат и одбранат нашата земја.

Најсилните и најтивките бранители на Македонија, кои успеале да истраат во огромните предизвици при обуките и со тоа да станат дел од Единицата за специјални задачи „Тигар“,тргнуваат на тешкиот пат, каде целото свое битие го посветуваат на заштитата и одбраната на државата, уставниот поредок и народот на Република Македонија.

 

Loading...

 

Почетничка борба

Еден од инструкторите на Едницата посочува дека по аплицирање за влез во Единицата за специјални задачи „Тигар“ следат тестови што се однесуваат на психо-физичка подготвеност и здравствената состојба на кандидатот, за што Единицата има поставено многу високи норми.

И покрај бележење на најдобри резултати за физичката подготвеност, каде се испитува максималниот напор преку атлетските и психо-моторичките способности, кандидатите мораат да прикажат и екстремна психичка стабилност во однос на снаодливост, интелигенција, карактерните особини и она што е важно, фобиите.

– За да се утврди дали кандидатите имаат страв од висина, вода и затворен простор, летаат во хеликоптер со постојана промена на висината, а потоа од таму се спушаат со јажиња, совладуваат препреки на и под вода и се затвораат во многу тесни простории, објасни еден од припадниците на „Тигар“.

 

 

Крваво патешествие

Откако ќе го поминат тој трнлив пат, вели друг член на Единицата, кандидатите се исправени пред најголемиот предизвик, односно 30-дневната селективната ДРИЛ обука. На почетокот на обуката кандидатите се запознаваат со условите и функционирањето на Единицата, нивните понатамошни задачи и се обучуваат за ракување со вооружувањето и опремата.

Потоа следи потешкиот дел. Со претходно изработен план, за кандидатите непознат, што цели кон максимално предизвикување на психо-физичките издржливости на кандидатите, инструкторите на единицата ја земаат групата и заминуваат на терен.

– Немавме претстава кон кој правец се движиме, раскажува еден од „Тигрите“ за неговото прво искуство, пристигнавме на висока планина каде добивме инструкции дека треба да се поделиме во две групи, се поделија и инструкторите. Прво ни ги одземаа личните работи, како и дел од опремата. Едната група се упати во друга насока, ние останавме на местото, каде ни беше наредено да изградиме неколку бункери. Откако ги изградивме, беше предвидена пауза, но само по неколку минути еден од интрукторите ни нареди марш, пешачевме цела ноќ, не знам колку километри, постојано го менуваа темпото, по вода, по кал, наместа едвај можевме да се движиме, истакна припадникот.

– Само десетина минути откако инструкторот ни нареди да седнеме и да поделиме храна, одекна експлозија, се слушаа пукотници од сите страни, веднаш се дислоциравме и успеавме да го одбиеме нападот, но за жал останавме без оброк, објасни членот на Единицата.

Во текот на селективната обука инструкторите ја следат подготвеноста на кандидатите, се забележуваат сите резултати, како и кон што покажуваат најголеми афинитети, со цел во понатамошната петмесечна напредно-селективна обука да следи еволуирање на секој поединец.

 

Loading...

 

Кој ќе истрае?

Во петмесечната обука, целата група преминува кон продлабочување на обуката. Екстремно физичко оптоварување преку маршови во сите временски услови, исцрпувачки тренинзи, унапредување на сегменти од боречки вештини, пливање по неколку километри, искачување по тежок и стрмен терен. Обуки за користење на сите видови оружја кои ги поседува Единицата, расклопување и склопување на оружје, дури и со заврзани очи, спуштање од хеликоптер и се останато што е потребно за да се создаде целосна слика за кандидатот, кој успеал да ги исполни критериумите на „Тигар“’ за да премине во следната фаза, во која се усовршуваат неговите способности.

Потоа, како се претходно направено да не е доволно, кадрите преминуваат кон едногодишниот дел, каде се дава поголем акцент на нивните специјалности – врвни снајперисти, алпинисти, стратези, лица кои имаат максимална контрола за извршување на задачи на и под вода, но, како што напоменуваат припадниците на Единицата, во тој дел не се изоставуваат и останатите обуки, се со цел на крајот да бидат изградени екстремни професионалци кои ќе бидат подготвени целосно да одговорат на сите понатамошни задачи.

Припадниците со кои зборувавме велат дека најтешко од се при обуките е тоа што не постои временска гаранција за исклучување на кандидатите од обуките.

– Доколку во кој било момент бидат забележани слаби резултати кај личноста, без разлика дали се физички или психички, сеедно колку денови од обуката тој успеал да издржи, кандидатот ќе биде исклучен, објасни инструкторот.

 

 

Подготвени за Македонија

Лицата кои успешно ги поминале обуките, веќе припадници на ЕСЗ, секојдневно, доколку не спроведуваат акции, се изложени на два-три часовни физички тренинзи, постојано се надградуваат во однос на оружјето и опремата и ги развиваат нивните вештини, бидејќи не постои гаранција со која членот ќе остане во Единицата, доколку во секое време не покажува подготвеност во секој поглед.

ЕСЗ „Тигар“ е формирана на 13 март 1981 година, а нејзините припадници се специјализирани за планирање и извршување на најсложени задачи во борба против тероризмот, решавање на заложнички ситуации и ситуации со забарикадирани опасни лица, апсење на криминалци и криминални групи, решавање на ситуации во случај на пружање отпор со огнено оружје, обезбедување на загрозени ВИП личности и објекти, давање асистенција во борбата против организираниот криминал, спасувачки мисии во високопланински и други недостапни терен, обука и едукација на кадри, како и за помош на граѓаните при елементарни и други непогоди.

Следниот месец Единицата ќе го одбележува Денот на формирањето, па поради таа причина одлучивме да ги посетиме припадниците и да зборуваме за нивните досегашни искуства. Успеавме да бидеме сведоци на дел од обуките кои ги спроведуваат „Тигрите“, а она што го забележавме е голема посветеност, макотрпна работа, максимално вложување и огромни амбиции.

Симона Митровска/ фото: Ивана Батев/ МИА

Leave a Reply