Тевдовски ги презентира реформите во јавните набавки

Сподели со своите пријатели

Целосно транспарентен процес во областа на јавните набавки беше темата на дискусија на информативната средба што денеска се одржа во Струга. Средбата „Реформи во јавните набавки со посебен осврт на нацрт-текстот на Законот за јавни набавки“ е организирана со цел да се овозможи интерактивна дискусија и размена на искуства во насока на надминување на можните проблеми и изнаоѓање соодветни решенија, како и можни подобрување на новиот Закон за јавни набавки.

Министерот за финансии Драган Тевдовски претставувајќи ги предвидените реформи во јавните набавки пред учесниците, нагласи дека сите измени се јавно достапни, со цел да им се даде можност на сите засегнати субјекти да изнесат евентуални сугестии и критики.

– Намерата е кога целиот процес ќе биде заокружен да се добие квалитетен закон, усогласен со европски стандарди и позитивните и практики и истовремено ќе понуди подолготрајно решение прифатливо за сите заинтересирани субjекти, рече Тевдовски.

Тој потсети дека постојниот Закон за јавни набавки бил менуван 14 пати, а извештаите на Европската комисија укажувале дека секоја измена значела единствено дополнително влошување на квалитетот на легислативата.

– Наша цел е новиот закон да ја зајакне транспарентноста и контролата на постапките, а истовремено да ги направи поедноставни и полесни за имплементација, рече министерот Тевдовски.

Како примери тој ги посочи предвидените измени за задолжетелна обврска за обновување на договорите за јавни набавки за секоја поединечно со целосен увид на јавноста во процесот, имплементација на забелешките на Европската комисија и домашната стручна во за објавување на плановите за електронскиот систем на јавни набавки.

Согласно европските правила и пракса, новиот закон нуди можност покрај цената во предметот на набавката да се вреднува и квалитетот.

– Притоа договорниот орган зависно од предметот на набавка самиот ќе може да утврди дали како критериум ќе ја користи најниската цена, исплатливоста врз основа на животниот век на производот или најдобриот однос помеѓу цената и квалитетот. Така кога набавувате на пример хартија може како критериум да ја користите најниската цена, но во здравството, при набавка на опрема, лекови, секако дека важен е квалитетот нагласи тој.

Новиот закон предвидува и скратување на периодот на забрана за учество во постапките по издадена негативна референца, зголемување на праговите за примена на законот и разјаснување на начинот на вршење на малите набавки, со обврска за известување и за малите набавки.

Легислативата, како што појасни Тевдовски, предвидува уште и воведување електронски пазар на мали јавни набавки, со формирање т.н. „електронски каталог“, што ќе овозможи брзо и ефикасно решавање на набавките од мала вредност кои се едноставни по својата природа.

– Воведувањето на е-пазари е современа пракса во Европа која треба да ги олесни постапките. Воведувањето на електронскиот пазар е многу важен бидејќи во Македонија во минатото многу често се набавувале на пример пенкала кои биле преплатени и чинеле многу повеќе отколку на пример да ги купите во книжарница. Идејата е тие производи кои се фреквентни да бидат изложени на овој пазар во каталози и институциите брзо да ги набавуваат, рече меѓудругото министерот Тевдовски.

Директорот на Бирото за јавни набавки Ѓорѓи Георгиевски рече дека се прифатени бројни забелешки на економските оператори за полесно нивно вклучување во јавните набавки.

– Во овој процес се вклучени сите институции, за да се донесе функционален закон. На страницата на Бирото веќе можат да се видат склучените договори. Јавноста ќе може целосно да има увид во јавните набавки и да ги детектираат проблемите, рече тој.

За преставниците на бизнис-заедницата ваквите средби се добра можност нивните забелешки да финализираат со конкретен пишан став, што ќе содржи конкретни препораки како да се уреди проецесот на јавни набавки.

– Одделните економските сектори имаат различни проблеми и тешко можат да бидат вклучени во некаков генерален текст на Законот. Тука ќе бидат потребни подзаконски акти што ќе го регулираат постапувањето на договорните органи во процесите. Праксата покажа дека најголем проблем има во делот на начинот на спроведувањето на законот, особено во ситуации каде има многу новини како што е пример „електронскиот регистар“, посочи Љубомир Димовски менаџер во Проектот „Партнерство за подобра бизнис-регулатива“

Проектот „Партнерство за подобра бизнис-регулатива“ се реализира со поддршка на УСАИД, заедно со Министерството за финансии и Бирото за јавни набавки. Слични средби со бизнис-заедницата ќе се одржат и во други поголеми градови во земјата, во насока на изнаоѓање конструктивни решенија за подобра правна усогласеност на компаниите и поддршка на јавно-приватниот дијалог меѓу засегнатите страни. /МИА


Leave a Reply